Се крчка реконструкција на тимот на Заев
Процесот на реконструкција на Владата е во тек, вели портпаролот Бошњаковски. Не открива детали за можниот наследник на Билен Саљији, кој си поднесе оставка од функцијата министер за правда, од како што рече морални причини, а поврзани со случајор Алмир. Неговата оставка нема да влијае на реформите...

Владата не открива, дали по оставката на министерот за правда ќе се забрза процесот на реконструкција на Кабинетот на премиерот Заев. Портпаролот Бошњаковски уверува дека потегот на Билен Саљији е личен чин и нема да влијае врз реформскиот процес во правосудството. Сѐ уште неизвесно, дали на испразнетото место повторно ќе седне кадар на ДУИ, или пак, ресорот правда ќе отиде во рацете на потенцијалните коалициски партнери, за што се разговара во изминатиот период. Процесот на консултации за зголемување на парламентарното мнозинство е во тек.
„Премиерот Зоран Заев најави можно зголемување на парламентарното мнозинство, тој процес е во тек. Да оставиме простор да заврши, па ќе добиете информација“, изјави владиниот портпарол, Миле Бошњаковски.
Засега останува непознато и кога ќе отпочне постапката за именување нов министер за правда, или ќе се чека да завршат разговорите меѓу партиите. Премирот Заев најави реконструкција на владата напролет. Ќе се разговара со сите политички опции, освен со ВМРО-ДПМНЕ. Според Заев, почнувањето на процесот на зголемување на парламентарното мнозинство ќе испрати сериозна порака до граѓаните, до стопанството, како и до целото општеството дека Владата има намера преку посилно и стабилно мнозинство во Собранието да носи сериозни одлуки, кои, како што наведе, се на повидок и доаѓаат.
Бошњаковски соопшти и дека Законот за употреба на јазиците ќе биде испратен до Венецијанската комисија откако ќе биде објавен во Службен весник. Вели, препораките ќе бидат имплементирани.
Викторија Милевска
