„Фејсбук“: Шокирани сме од „Кембриџ Аналитика“

21.03.2018 13:21

Социјалната мрежа „Фејсбук“ осомничена за учество во кражба на 50 милиони профили, злоупотребени во корист на американскиот претседател Трамп. Скандалот го обелодени поранешен вработен во компанијата „Кембриџ Аналитика“...

„Фејсбук“ негира вина во злоупотребата на корисничките податоци што незаконски ги презела компанијата „Кембриџ Аналитика“. Во 2014 година, преку квиз за откривање на типот на личноста, незаконски биле собрани информации од речиси 50 милиони луѓе, со кои биле генерирани психолошки профили.

На корисниците им биле прикажувани приспособени содржини за да се влијае врз резултатот на претседателските избори во 2016 година. Потврда за малверзацијата е снимката на која тогашниот извршен директор Александер Никс се фали со дигитална кампања во полза на Трамп. Според Кристофер Вајли, поранешен вработен во „Кембриџ Аналтика“, профилите се користеле и за кампањата за Брегзит.

Правев грешки, жалам за нив. Сега морам да им кажам на луѓето и да најдам начин како да ги исправам. Испратив предлог на Универзитетот во Кембриџ за моделирање на личност со микротаргетирање и предвидување на политичкото однесување преку психометриски податоци. Му го покажав истражувањето на Никс и беше воодушевен. Потоа атмосферата во компанијата почна да се менува. Никс е тежок за соработка. Степенот до кој нѐ малтретираше стана неподнослив, згора на тоа, работевме за налудничав кандидат“, изјави Кристофер Вајли.

Недовербата кај акционерите и инвеститорите се зголеми и поради соработката со рускиот аналитичар Александар Коган, креаторот на алатката за користење на податоците, кој тврди дека не знаел за планот за злоупотреба на апликацијата. Конгресот бара сослушување со Закерберг за политиките за заштита на корисниците.

Имаме проблем. На последното сослушување изјавив дека ако индустријата не сака да ги решава овие прашања, ќе мораме и ние да се вклучиме со законодавството“, изјави Даен Фајнстајнсенатор.

Направени се неколку барања за сослушување, но сега сме во советодавна фаза. Она што го направи Фејсбук е многу сериозно. Нарушена е приватноста. Ќе ги разгледаме, но не можам да ветам ништо засега“, рече сенаторот Чак Грасли.

Во истрагата за „Фејсбук“ и „Кембриџ Аналитика“ се вклучуваат и британските власти, и Европскиот парламент.

 

Маја Филдишев