Анекс на договорот за автопатот Кичево- Охрид
Рокот за изградба на автопатот Кичево- Охрид продолжен за 3,5 години. Проектната документација неусогласена со условите на терен. Се анализира уште колку пари ќе бидат потребни за комплетирање на делницата...

Кинеската корпорација „Синохидро“ доби од Владата дополнителен рок од 39 месеци за да ја заврши автопатската делница од Кичево до Охрид. Краен рок ќе биде 30-ти јуни 2021-ва година. Министерот за транспорт и врски Сугарески дециден, автопатот мора да се заврши, бидејќи над половина од работите се реализирани.
„Стоиме на тврдењето дека изградбата на автопатот мора да продолжи, сѐ со цел бидејќи над 50 насто е изграден автопатот и со направените препроектирања заедно со дополнителните финансиски средства што ќе бидат утврдени транспарентно, треба да се доизгради автопатот“, изјави министерот за транспорт Сугарески.
По барање на надзорниот орган, Владата решила да се склучи анекс на договорот за изградба на автопатската делница, со што се пролонгира крајниот рок за завршување на работите, но ќе треба во Собранието да помине Законот за дополнување на Законот за изградба на автопатската делница Кичево- Охрид. Според министерот Сугарески по завршувањето на допроектирањето, посебен стручен тим, во соработка со надзорот, ќе ја даде конкретната дополнителна цена на чинење на автопатот. Причините за пролонгирањето на рокот се многубројни.
„Неусогласеност на проектната документација со реалните услови на теренот, како и променливата геологија на теренот што не одговараше со геологијата предвидена со проектот. Поради тоа потребно е препроектирање на тунелското решение, препроектирање на сите усеци, повеќето вијадукти, мостови, потпорни ѕидови, натпатници, потпатници, пропусти, комплетната проектна документација за 9 клучки“, вели Сугарески.
Според Сугарески треба да се изработи проектна документација за сите позиции кои не биле предвидени во основниот проект, а се неопходни поради правилно функционирање на автопатот.
Министерот не сакаше да шпекулира за потребните дополнителни средства за завршување на работите, но рече дека станува збор за милиони евра. Побара од Собранието да го донесе законот во скратена постапка, за да може да продолжи изградбата на автопатот.
Свето Николовски
