„Попис“, „Моќник“ и „Актор“

Три нови истраги на СЈО, опфатени 25 физички и четири правни лица

21.03.2018 15:36

СЈО со нови три истраги. Вкупно опфатени 25 физички и четири правни лица. Случај „Попис“, „Моќник“ и „Актор“- злоупотребена службена положба на тендери за објекти и за изградбата на делницата Демир Капија- Смоквица. Во случајот „Попис“ осмничени две лица, буџетот оштетен за над 170 милиони денари. Осомничени и неколку лица од Комисијата за лустрација. СЈО го презема случајот „Монструм“ за петкратното убиство кај Смилковско Езеро во април 2012-та...

„Попис“, „Моќник“ и „Актор“ се трите нови истраги кои ги отвора Специјалното јавно обвинителство. Во случајот „Попис“ осомничени се поранешниот лидер на ВМРО ДПМНЕ и сегашниот претседател на ДУИ. Според СЈО, двајцата, од политички причини, договориле пописот на населението во 2011-та да биде прекинат за, како што смета ова обвинителство, да се сокријат факти за демографската структура со што го оштетиле буџетот за близу два милиони и 900 илјади евра.

„Како владејачка коалиција да го сокријат фактот дека немаат политички капацитет да организираат реален попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, како и да ги сокријат неповолните факти за демографската и економската состојба на населението во Република Македонија, што резултирало со огромното иселување од Република Македонија на работоспособното население, осомничените помеѓу 10.10 и 11.10.2011 година се договориле да го стопираат пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија“, изјави обвинителката Фатиме Фетаи.

Во предметот „Моќник“ осомничен е поранешен пратеник кој преку неговиот татко, како второобвинет и градоначалникот на Македонски Брод, со измама и злоупотреба на службената положба издејствувале продажба на општинската зграда на Пласница и се стекнале со сопственост. Во овој предмет осомничени се и членови на Комисијата за лустрација.

Во предметот „Актор“ осомнични се поранешниот премиер, министерот за транспорт и врески и неколку странски државјани, поради тоа што се посочило дека грчка фирма треба да го добие тендерот за изградба на автопатот Демир Капија- Смоквица, иако италијанска фирма имала поповолна понуда. Според СЈО, државата била оштетена за седум милиони и 800 илјади евра, а Актор испрал близу 32 милиони евра.

Специјалната обвинителка, Катица Јанева соопшти дека нејзиниот тим веќе се подготвува за случајот „Монструм“ кои го добиле во надлежност.

„Добивме надлежност за тој предмет и се надеваме дека на рочиштето закажано во април, ќе бидеме подготвени за презентирање пред суд“, изјави специјалната обвинителка Катица Јанева.

Во новоотворените истраги „Попис“, „Моќник“ и „Актор“ осомничени се 25 лица и четири фирми.

 

Миле Ристески