Јавна администрација

Дигитализација и транспарентност за ефикасни административни реформи

21.03.2018 16:06

Готова е предлог- распределбата на 1.600 вработени по Рамковниот договор, кои не одат на работа, а примаат плата. Идната недела ќе се разгледува на владина седница. Никој не ја одбил понудената позиција. Наскоро информација за вкупниот број вработени во администрацијата. Надлежните тврдат- реформите не можат да се спроведат преку ноќ...

Недостигаат јасни критериуми и транспарентост во назначување на државните службеници и трошењето на јавните пари. Со послаби оценки за минатата година, наспорти 2016-та, европските експерти ги оценија реформите на јавната администрација. Причините ги препишуваат на политичката состојба до јуни лани.

„Треба да се постави добра стратешка рамка што треба да постави правила за реформа на јавната администрација, за да има поголема транспарентност, за добро управување и трошење на парите, пред сѐ јавните набавки, внатрешната контрола“, рече Мирослава Боручка од СИГМА.

Надлежните се согласуваат со забелешките, но велат- нема реформи преку ноќ, тоа е процес што трае. За поефикасни и поквалитетни услуги, транспарентноста и дигитализацијата се клучни, но потребни се и луѓе со поголем капацитет во менаџерската структура. По изјавите за превработеност во администрацијата, нови вработувања на високостручни кадри, најави министерот Манчевски.

„Го мразам зборот реформа на јавна администрација. Јас велам треба да се реорганизираме внатре луѓето, за да нудиме поефикасни услуги на граѓаните. Во денешно време тоа значи дигитализација. Помал број на шалтери, поголем број на услуги. Ниту се амбицираме дека оваа стратегија ќе ги смени работите преку ноќ. Ги сфаќаме, ги разбираме критиките“, вели министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски.

Манчевски информира- административците кои седеа дома, а земаа плата, се распределени на работни позиции во целиот јавен сектор. Списокот со овие 1.600-тини лица вработени по Рамковен откако владата ќе го филтрира, ќе биде јавно обелоденет со податоците колку вкупно вработени земаат плата од државниот буџет.

Дел од професорката фела со став- само се носат стратегии, по 19 години сликата и во наредниот период ќе остане иста. Во Македонија нема и не може да има вистинска реформа на јавната администрација, отсуствува политичка воља на ниво на Влада.

„Кога ги слушам младиве министри ми доаѓа да заплачам, секогаш кога ќе дојде нова власт кажуваат ова ќе правиме она ќе правиме, се изнаслушавме. Во Македонија не може да има вистинска реформа, не дека ќе ја направиме некогаш. Никогаш, бидејќи нема политичка волја. Убедени се, сакаат да направат нешто, нема политичка волја на ниво на Влада, на ниво на држава“, рече професорот Борче Давитковски.

Министерот Тевдовски провлекувањето на проблемот го лоцира во пишувачите на законите.

„Едни исти луѓе многу долго време ги пишувале законите во Македонија, а без да има значаерн резултат. Во насока на подобрување на оваа состојба радикално отворање на транспарентноста, ние ќе ги отвориме податоците и за хонорари за години наназад, ќе видиме по закон до каде можеле да одат чекорите“, рече Драган Тевдовски, министер за финансии.

Како и каде се трошат државните пари? Преку платформа, трезорските плаќања ќе бидат достапни за јавноста. Тевдовски најави со новиот Закон за евиденција на обврските од страна на државните институции во собраниска процедура ќе има и целосна отчетност за државните обврски, ќе се знае дали има натрупување и колкав е нивниот износ.

Сузана Фиданска- Стоевска