Коѕијас попладнево доаѓа во Македонија, утре на средби со државниот врв
Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас, доцна попладне ќе допатува во дводневна посета на Македонија, за првпат по 12 години со авион, директно од Атина. Утре се средбите со државниот врв. Македонија и Грција си разменија нацрт-спогодби за спорот со името. Димитров и Коѕијас, на 30-ти март во Виена, на нова рунда разговори со медијаторот Нимиц...

Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас приквечер треба да слета на Меѓународниот аеродром Скопје во официјална посета на Македонија, каде што се најавени средби со државниот врв. Посетата доаѓа во време на размена на нацрт-спогодби од двете земји. Македонскиот министер за надворешни Димитров веќе изјави дека постојат разлики во двата документа и дека ќе се работи на нивното надминување.
Официјалната посета Коѕијас ќе ја почне утре изутрина во македонското МНР со средбата со својот колега и домаќин Никола Димитров, по која се очекуваат и изјави за јавноста за текот на разговорите.
Ова е еднократна шанса за решение, но тоа не значи дека приближувањата се такви што можеме да кажеме дека го имаме договорот в џеб, изјави вчера грчкиот алтернативен министер за надворешни работи Катругалос, пред посетата на неговиот шеф на земјава.
Македонија и Грција можат да постигнат договор за три од седумте посочени разлики, но ова не се однесува на идентитетот и на јазикот, изјави премиерот Заев. Со истиот став е и министерот за надворешни Димитров.
Во Виена на 30-ти март следува нова средба со медијаторот Нимиц, на која ќе се разговара за напорите за заемно прифатливо решение за името, информираат од канцеларијата на посредникот.
Последната рунда разговори во австриската престолнина со Нимиц не донесе забележителен напредок во разговорите, иако траеја седум часа.
Ирина Гелевска
