Време

Македонија под влијание на зимскиот циклон „Димитар“, затоплување од недела

22.03.2018 12:53

Македонија под влијание на зимскиот циклон „Димитар“. Снег и ниски температури го отежнуваат сообраќајот на неколку патни правци. Во градските средини без поголеми проблеми. Затоплување од недела. Нема опасност од излевања на реките, ниту пак од мрзнење на земјоделските култури...

На вториот ден од пролетта, Македонија се разбуди под снежна покривка. Долгонајавуваниот циклон „Димитар“ донесе зимски температури. Најмногу снег има во северозападните делови на земјава. Синоптичарите најавуваат поинтензивни врнежи од снег, особено во скопската котлина.

„Преку денот врнежите на јужната половина ќе бидат претежно од дожд, на северот од снег. Во попладневните часови кога очекуваме поинтензивни врнежи речиси насекаде ќе бидат од снег. До утре, до крајот на денот би требало да има дополнително зголемување на снежната покривка. На планините значително ќе се зголеми истата. Во сабота и во недела претпладне очекуваме преодно стабилизирање, односно претежно суво време. Во утринските часови во сабота и во недела температурата ќе падне на повеќе места под нулата“, изјави Костадинка Арсовска, синоптичар во УХМР.

Снегот кој непрекинато паѓаше во изминатото деноноќие го отежна сообраќајот. Застој има на неколку патни правци. Забрана за движење на тешки камиони на неколку патни правци. Во авионскиот и железничкиот сообраќај нема застој.

Снегот и минусните температури ќе задржат и во наредните денови. Стабилизација на времето се очекува од недела за кога синоптичарите најавуваат повисоки температури и врнежи од дожд.

Од Град Скопје информираат дека екипите на зимската служба интервенирале на сообраќајниците со 45 тони сол. Патиштата се чисти и проодни, стои во соопштението до медиумите. Зимската служба интервенирала на сите мостови, клучки, надвозници, подвозници и високите зони, како и на критичните точки на градските сообраќајници.

Според агрометеоролозите врнежите од снег и падот на температурите нема да предизвикаат позначителни оштетувања кај земјоделските култури.

Според мерењата на УХМР намалени се водостоите на сите реки во Македонија. Исклучок се Вардар кај Демир Капија, Брегалница кај Берово, Сушево кај Струмица и Црна Река кај Новаци, каде што има благо зголемување на нивото во однос на вчера.

Водостоите на Охридско и Дојранско Езеро се над просекот за овој месец, додека нивото на Преспанско е за два сантиметра пониско од просечното.

Викторија Милевска