Закерберг призна дека „Фејсбук“ згрешил
Основачот на „Фејсбук“, Марк Закерберг призна дека направил грешки со корисничките податоци. Изрази сомнеж оти некој се обидува да ги спречи ноемвриските избори за Претставничкиот дом на американскиот Конгрес и на Сенатот. По објавувањето на скандалот со протекувањето лични податоци на повеќе од 50 милиони корисници, „Фејсбук“ загуби околу 37 милијарди долари.

Основачот на „Фејсбук“, Марк Закерберг призна дека „Фејсбук направил грешки“ во случајот со аферата со „Кембриџ Аналитика“. Потврди дека се случило „прекршување на довербата“ меѓу креаторот на апликацијата Александар Коган, фирмата „Кембриџ Аналитика“ и „Фејсбук“. Вети дека ќе ги истражи сите апликации кои имале пристап до информациите од моментот кога во 2014-та платформата беше сменета за да се ограничи пристапот до информациите на корисниците и најави подобра заштита на корисничките податоци.
„Ние имаме одговорност да ги заштитиме вашите податоци, а ако не го сториме тоа, не заслужуваме да ги служиме“, напиша Закерберг на „Фејсбук“.
Во интервју за СИ-ЕН-ЕН, Закерберг изјави сомнеж, оти некој се обидува да ги спречи ноемвриските избори за претставничкиот дом на Конгресот на САД и Сенатот. Додаде дека е сигурен оти ова е нова верзија на она што го правеле Русите во 2016-та година, како и дека „Фејсбук“ планира да го зголеми бројот на луѓе задолжени за безбедноста во компанијата до 20 илјади. Меѓудругото, рече и дека е подготвен да сведочи во врска со нелегалното собирање податоци пред американскиот Конгрес, доколку тоа се побара од него.
Компанијата „Фејсбук“ загуби околу 37 милијарди долари по скандалот со протекување лични податоци на повеќе од 50 милиони корисници. Тоа придонесе за пад на вредноста на акциите на социјалната мрежа за околу 7 проценти.
Марина Ристова
