ВМРО-ДПМНЕ: Одговорност за непочитување на одлуката на Иванов
Секој обид да се прегази институцијата Претседател повлекува одговорност за сторителите, велат од ВМРО- ДПМНЕ.

Објавувањето на Законот за употреба на јазиците во „Службен весник“ ќе биде кривично дело. Секој обид да се прегази институцијата Претседател повлекува одговорност за сторителите, велат од ВМРО- ДПМНЕ.
„Директорот на Службен весник, доколку се обиде да го објави законот за двојазичност без потпис на Претседателот Иванов свесно ќе стори кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување” по член 353 од Кривичниот закон на Република Македонија. Ова дело не застарува за година, две или три за да може да биде амнестиран од судството на Зоран Заев. Со оглед на тежината на делото и огромните штети по буџетот на Република Македонија кои би ги предизвикало незаконското објавување во Службен весник, ставот 5 од членот 353 предвидува затворска казна од најмалку 5 години“, истакна Орце Ѓорѓиевски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната прес- конференција.
Уставот, подвлекува тој, мора да се почитува. Без потпишан указ од страна на Претседателот на Република Македонија нема закон, а доколку некој се обиде и се дрзне да го прекрши Уставот ќе сноси и соодветна кривична одговорност.
