МВР: Запленети 91 килограм марихуана, приведени три лица
Дрогата ја набавиле од Албанија за да ја пренесат во Скопје...

Полицијата вчера во Кичево привела тројца скопјани и заплени 91 килограм марихуана. Против нив и за уште двајца од Струга и едно лице од Скопје, се поднесени кривични пријави. Дрогата ја набавиле од Албанија за да ја пренесат во Скопје.
Како што информира денеска портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, пријавените ја набавиле марихуаната од соседна Албанија и ја складирале во Струга, со цел да ја транспортираат во Скопје. Вчера во утринските часови, марихуаната требало да биде пренесена во Скопје и била сместена во возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, во кое биле двајца од приведените, а пред него во улога на тн. чистач се движело возило „БМВ“ со прилепски регистарски ознаки управувано од еден од сега приведените.
По претходно изготвен оперативен план, од страна на полициски службеници на влез во Кичево, сопрен е „мерцедесот“, а во исто време на излез од Kичево е сопрено и другото возило„БМВ“, а сите три лица се лишени од слобода. Од извршениот преглед на „мерцедесот“ биле пронајдени девет вреќи и една патна торба со марихуана.
Приведените заработија по 30 дена притвор.
