Звучни потенцијални противници за Металург и за Вардар
Четири германски и по една данска и унгарска екипа се можните противници на Металург и на Вардар во осминафиналето на ракометната Лигата на шампионите. Третата и четвртата позиција во групата Ц значат дека нашите претставници во елитата во првите мечеви ќе играат дома, а во реваншите на гости.

Во обидот барем да го повтори ланското четвртфинале, Металург може да се соочи со Рајн Некар, Фленсбург или со Колдинг со коишто нема искуство од минатото. Интернационалниот состав на Рајн Некар е победник ан ЕХФ купот од минатата сезона, финалист во Лигата на шампионите во 2011-та, моментално втор во Бундес лигата и во нокаут фазата влезе со 7 победи, 2 нерешени и еден пораз и тоа од најдобрата екипа во А групата Веспрем.
Фленсбург е комбинација од германски, дански и шведски репрезентативци. Четвртопласираната екипа во германскиот шампионат има две елитни финалиња во 2004-та и 2007-ма и пласманot меѓу шеснеаесетте го обезбеди сo второто место во групата Д со осум триумф, пораз од прворангираниот Хамбург и реми со шпанска Ла Риоха.
Колдинг е половина данска репрезентација засилена на клупата со исландскиот селектор Кристијансон, со Шпанецот Рокас и Швеѓанецот Андерсон кој полека се враќа по повредата. Најблескавите години на клубот од Копенхаген беа 2002 и 2003 кога играше во полу и четвртфиналето на Лигата на шампионите. Оттогаш постојано е во, но и никогаш не го минал осминафиналето.
Во тројката потенцијални противници на Вардар се германските великани Кил и Хамург и унгарскиот првак Веспрем. Тројниот европски шампион и четирикратен финалист Кил беше најдобар во групата Д со осум триумфи, но не успеа да го совлада полски Киелци од кого загуби и одигра нерешено. Во меѓусебната традиција, вардарци двапати убедливо беа поразени од Кил пред четири сезони, но и имаат победа и пораз пред 11 години во групната фаза.
Хамбург е актуелен освојувач на Лигата на шампионите и без разлика што е во неповолна финансиска позиција, не се откажува од одбраната на трофејот. Предводен од најдобриот светски ракометар, Хрватот Дувњак, Хамбург само еднаш загуби во Д конкуренцијата и тоа од Фленсбург остварувајќи притоа девет триумфи.
Амбициите на Веспрем се големи како и 2002 кога беше финалист и кога во групата двапати славеше против Вардар. Унгарците го вратија Наѓ, се засилија со Алиловиќ и Вујин, на клупата е Шпанецот Ортега кој ги донесе сонародниците Вакеро, Руесга и Угалде. Откако ја обезбеди првата позиција во групата А, Веспрем одигра нерешено со Рајн Некар и неочекувано загуби во последното коло на гостувањето кај Запорожје и со тоа го елиминираше Загреб.
Извлекувањето на осминафиналните двојки е утре, првите мечеви од 19-ти до 23-ти март, реваншите седум ден подоцна.
