МВР

Запленети 91 килограм марихуана во Кичево, тројца приведени

22.03.2018 15:47

Полицијата вчера во Кичево привела тројца скопјани и заплени 91 килограм марихуана. Против нив и за уште двајца од Струга и едно лице од Скопје, се поднесени кривични пријави. Дрогата ја набавиле од Албанија за да ја пренесат во Скопје. Приведените заработија по 30 дена притвор.

Полицијата заплени 91 килограм марихуана. Приведени тројца кои се обиделе да ја донесат во Скопје. МВР им подготвило заседа на влезот и излезот во Кичево. Дрогата била складирана во вреќи и патничка торба, сместени на задното седиште и во багажникот на автомобилот, во кој се превезувале двајца. Шестмина добија кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги.

„По претходно изготвен оперативен план, од страна на полициски службеници на влез во Кичево, сопрен е „мерцедесот“, а во исто време на излез од Kичево е сопрено и другото возило„БМВ“, а сите три лица се лишени од слобода. Од извршениот преглед на „мерцедесот“ биле пронајдени девет вреќи и една патна торба со марихуана“, изјави Тони Ангеловски, портпарол на МВР.

Пратката била пристигната од Албанија, а складирана во Струга, од каде што требала да се донесе во Скопје. За нејзина достава следело и претходница.

Од полицијата информираат дека во целата мрежа биле инволвирани повеќемина. Еден од нив издржувал казна затвор во Поправниот дом во Струга. Поради делото, сега е префрлен во истражниот во Шутка.

Наташа Гркова- Петрушевска