Битола

Снегот нема да направи штети на овошките

22.03.2018 16:17

Пролетниот снег засега не може да направи штети на овошките. Овоштарите велат- опасно ќе биде ако има значителни минусни температури. За пелагониските земјоделци влажниот бран ќе значи одлагање на почетокот на пролетната сеидба...

Влажниот бран проследен со пролетниот снег ги вознемирува овоштарите, а на земјоделците им ги потврди претпоставките за одлагање на почетокот на пролетната сеидба за најмалку половина месец. Драги Јаневски од село Бистрица, цел свој работен век го посветил на овоштарството. Вели, засега нема опасност по цветовите, но сепак со страв се потсетува на минатогодишниот 22-ри април кога студот сто насто го уништи родот. Смета дека облачното време оди во прилог и ова е време кога овошките се наоѓаат во една друга фаза на цветање.

„Вистина падна снег, но не навестува некои опасности. Времето е облачно, а температурата над нулата. Ако нагло се изведри и има драстичен пад на температурата, ќе размислуваме за евентуални превентивни мерки“, вели овоштарот Драги Јаневски од село Бистрица.

Новите врнежи неповолни и за презаситената со влага плодна почва. Високите подземни води на некои парцели предизвикаа мало заезерување. При идеални услови, деновиве трбаше да започне пролетната сеидба, вака таа ќе биде пролонгирана најмалку за половина месец, вели земјоделецот Славчо Петковски. Актуелните состојби ќе ја одложат и операцијата на прихрана на есенските посеви кај кои на некои делови можни се минимални штети вели пелагонискиот земјоделец.

„Есенските посеви на повисоките места се во одлична кондиција и е завршена првата фаза од прихраната, додека за втората ќе се доцни, а на пониските места може да дојде до минимално пожолтување на некои посеви“, вели земјоделецот Славчо Петковски.

Засега општиот впечаток е дека нема опасност по сите видови на култури во битолскиот дел на Пелагонија, кој за разлика од другите, благодарение на исчистеното корито на Црна Река и одводната мрежа спречува опасност од поплави.

 

Стевче Митревски