Се истражува случајот со повредените војници

22.03.2018 16:26

Двајцата ранети војници од тетовската касарна се во стабилна состојба. АРМ ги објави деталите- се повредиле при чистење на митралез. Настанот се случил по враќање од воената вежба во Штип. Се работи на целосно расчистување на случајот...

Повредени двајца професионални војници на македонската Армија од тетовската касарна „Кузман Јосифовски- Питу“. Настанот се случил по враќање од воената вежба во Штип.

При симнување митралез, тежок 35 килограми од хермелин и пренесување на оружјето во хангар, бил испукан куршум при што се повредени припадниците на АРМ, задолжени за чистење на оружјето.

Со фрактури на коските се префрлени во болницата во Тетово, а поради сериозноста на повредите се пренесени во Клиничкиот центар во Скопје.

„Едниот војник е на 28, а другиот е на 37-годишна возраст. И двајцата се со склопетарни повреди, прострелни повреди на левата натколеница, се наоѓаат во стабилна состојба и не се во животно загрозувачка состојба. И кај двајцата ќе се направи интервенција во текот на попладневните часови. Не се забележува некој сериозен дефицит во движењето на ногата и кај двајцата пациенти“, изјави министерот за здравство, Венко Филипче, кој ги посети војниците.

Обвинител разговарал со неколку војници кои биле сведоци на настанот. Тие објасниле дека митралезот неколкупарти заглавил за време на вежбата.

Генералштабот на Армијата го потврди инцидентнтот. Оттаму велат дека надлежните органи од МВР и од АРМ работат на целосно расчистување на случајот. Ќе биде извршено вештачење на митралезот и на чаурата, а потоа ќе се прегледува и целокупниот протокол на вежбата.

Обвинителството ја бара и медицинската документација за војниците. Настанот го испитува и воената полиција.

 

Игор Панов