Франција парализирана од штрајкови, синдикатите се противат на реформите

22.03.2018 16:36

Синдикатите ја брануваат Франција. Штрајкуваат железничарите, вработените во метрото, контролорите на летање, вработени во администрацијата. Се противат на планираните реформи.

За денес, ширум Франција се закажани околу 180 демонстрации на повик на синдикатите, но и на политичките партии од левицата, кои се обидуваат да го присвојат незадоволството од политиката на претседателот Макрон. Водечки на протестите се синдикатите од француската државна Железница и вработените во јавната администрација, кои го искажуваат незадоволството од најавените реформи, но улицата протестира кон целокупната политика на претседателот Макрон. За Макрон ова е прв посериозен тест, по неговиот избор во мај 2017-та.

Франција скоро да е парализирана со денешниот штрајк, посебно во јавниот превоз и железничкиот сообраќај со оглед дека над 35 отсто од вработените штрајкуваат. Во повеќе училишта наставата не се одвива нормално, како и функционирањето на јавната администрација, која негодува поради најавеното укинување на 120.000 работни места до крајот на 2022 година.

„Тоа ќе ги направи уште покревка работата на оние кои ќе останат, задачите ќе биде уште потешко да се вршат, ќе се изгуби рамнотежата меѓу ѕрбаните и руралните зони. Ова е неприфатливо!“

„Еден ден, повеќе ќе нема јавен сервис во Франција, тогаш сите ќе започнат да плачат!“

За Французите ќе биде уште потешко, откако синдикатите на железничарите најавија тримесечен штрајк, на досега невиден начин, тие ќе штрајкуваат три дена во неделата започнувајќи од април.

Јас не се согласувам со нивниот штрајк, бидејќи тие штрајкуваат за оние кои ќе бидат вработени подоцна.

Мислам дека имаат право да штрајкуваат, бидејќи можете да си замислите што ќе ни се случи на ние кои работиме во приватниот сектор, ќе бидеме изиграни.

Инаку во Париз на почетокот на попладневниве демонстрации беа забележани судири меѓу млади демонстранти и полицијата, која притоа употреби солзавец. Денешниве манифестации се совпаѓаат и со јубилејот, педесет години од почетокот на демонстрациите од Мај ’68-ма.

Тони Гламчевски, дописник од Франција за МРТ