Расте нивото на Охридското Езеро

22.03.2018 16:40

Нивото на Охридското Езеро постојано расте, со што се зголемува можноста од повторно поплавување на куќите долж крајбрежјето. Експертите сметаат дека овој проблем може да се надмине само со пренасочување на реката Сатеска на старото корито и изградба на нов систем на регулација на испустот на Црн Дрим кај Струга.

Веќе неколку дена водостојот на Охридското Езеро расте по два сантиметри дневно,па така денеска нивото на езерото достигна до 13 сантиметри над максимално дозволената кота. Тоа значи дека останува отворена можноста за повторно поплавување на куќите долж крајбрежјето, доколку повторно задува југ, што е вообичаено за овој период од годината.

Експертите сметаат дека ваквите состојби кои се повторуваат со години наназад, можат да се решат со пренасочување на реката Сатеска во старото корито, бидеќи иако во моментот се испуштаат максималните 75 литри во секунда на испустот кај Струга, во езерото има двојно повеќе прилив во што најголем удел има оваа река.

Научната јавност инсистира на изградба на нов систем за регулација на испустот на Црн Дрим кај Струга.

Експертите како и многу пати до сега укажуваат дека Охридското Езеро не смее да се користи како акумулационо, бидеќи големите осцилации што се карактеристични во последната деценија го уништуваат ендемичниот растителен и животински свет, поради кој езерото е под заштита на УНЕСКО.

Сашо Нелоски