ЕУ: Москва е виновна, нема друго објаснување
Земјите на ЕУ застанаа зад британските ставови за одговорноста на Русија за нападот врз екс рускиот шпион и неговата ќерка на британско тло. Москва отфрла поврзаност со овој случај...

На дводневниот пролетен самит во Брисел, лидерите на ЕУ се согласија со Велика Британија дека Русија е најверојатно одговорна за нападот врз поранешниот шпион, Сергеј Скрипал во Салзбери. Претседателот на Европската комисија, Доналд Туск рече дека не постои друго веродостојно објаснување.
„Детално разговаравме за реакциите на земјите членки на Унијата околу нападот со нервен агенс во Салзбери по што едногласно констатиравме дека најверојатно Русија има врска со тоа. Решени сме да одговориме на единствен начин преку изјава, но можно е и преку други понатамошни мерки. Така што целата дискусија беше многу добра“, изјави германската канцеларка, Ангела Меркел.
Медиумите оценуваат дека изјавата на Туск претставува победа за британската премиерка Меј, која ги повика европопските лидери да ја поддржат нејзината земја.
„Го поздравувам фактот што Европскиот совет се согласи со Владата на Обединетото Кралство во проценката дека е мошне веројатно Русија да е одговорна за обидот за напад што се случи на улиците на Салзбери, бидејќи едноставно не постои друго објаснување. Заканата од Русија не почитува граници и е закана за нашите вредности“, изјави британската премиерка, Меј.
Тензиите на релација Лондон- Москва како и ставот на Унијата по тоа прашање се меѓу главните теми на Самитот.
„Ројтерс“ потсетува дека Европската унија е традиционално поделена во ставовите кон Москва. ЕУ ќе го повика на консултации и својот амбасадор во Русија. По Велика Британија која веќе го стори тоа, некои земји од ЕУ планираат да ги протераат руските дипломати или своите амбасадори во Русија, да ги повикаат на консултации.
Москва отфрла секаква вмешаност во труењето на Скрипал и неговата ќерка кои сѐ уште се во критична, но стабилна состојба по нападот на 4-ти март.
Марина Ристова
