Прилеп

„Еурокомпозит“: Суспендирани 10 вработени, активиран штрајк

23.03.2018 12:59

Во прилепски „Еурокомпозит“ ситуацијата врие. Суспендирани се 10 вработени, најмногу членови на Синдикатот кој од изутрината го блокираше влезот во фабриката и го активираше штрајкот. За раководството штрајкот е нелегитимен, а суспендираните ги кршеле работниот ред и дисциплината во фабриката...

Синдикатот на прилепски „Еуркомпозит“ денеска го блокираше влезот во оваа наменска фабрика и го активираше штрајкот. Ова, според Синдикатот, е по неисполнетото барање за смена на раководството, кое вчера подели 10 суспензии на вработени од кои најголемиот дел членови на Синдикатот. Оттаму велат - со ова се врши голем притисок.

По контактите со кабинетот на вицепремиерот Анѓушев им било советувано да работат, ако треба раководството нема да доаѓа во фабриката.

Според генералниот директор, Александар Кузески суспензиите се поради кршење на работниот ред и дисциплината во континуитет и не станува збор за притисок иако осум суспендирани се синдикалци.

Штрајкот е нелегитимен, зашто прво се донесени суспензиите, а потоа и наводната одлука. Суспендираните се однесуваат самоволно, ставаат катанец на влезот во фабриката и ги доведуваат вработените во заблуда. Поради тоа е повикана полицијата.  Кузески не знае кога ќе се врати во фабриката, зашто, поради заканите кон него не се чувствувал безбеден.

Синдикатот не се откажува од штрајкот.

 

Елизабета Митреска