Природните науки и математиката во образовна криза
Природните науки и математиката се наоѓаат во образовна криза. Оваа област досега била занемарена и подложна на лоши експерименти, а бројот на запишани студенти од година во година е сѐ помал. Потребен е долг процес на реформи за решавање на наталожените проблеми- заклучок од меѓународната конференција посветена на природните науки и математиката...

Природните науки и математиката се наоѓаат во образовна криза, бројот на студенти од година на година е сѐ помал. Младите речиси и да немаат интерес за областите. Ова е заклучокот од Конференцијата посветена на природните науки и математиката. Деканот на факултетот вели дека биле игнорирани укажувањата на наставниот кадар за проблемите. Вели, само реформите ќе бидат гаранција за успех.
„Ние реагиравме, но другите чинители на образовниот процес не го препознаваа тоа што реагираме, и скоро да не игнорираа. Многу се израдувавме што овие проблеми и излезот од овој пат е препознаен од нашето ресорно министерство. Тоа е уште еден гарант дека сме на добар пат да ги најдеме решенијата на проблемите“, изјави Ицко Ѓоргоски, декан на ПМФ.
На меѓународното тестирање ПИСА, македонските ученици се најдоа на дното на табелата. Според министерката Дескоска ова е резултат на наталожените проблеми и поради тоа што овие области со години биле занемарени и подложни на лоши експерименти. Најави реформи во наставните планови и програми. Дел од новините се стипендии и отворање на информатичко- математичка гимназија.
„Учениците коишто ќе се запишуваат во оваа гимназија ќе бидат тестирани врз основа на построги критериуми, ќе бидат стипенирани од МОН, а оние коишто не живеат во Скопје ќе бидат сместени во ученички домови со цел да им се олесни престојот во главниот град“, изјави министерката за образование и наука, Рената Дескоска.
Многу мал е и процентот на средношколци што ги полагаат предметите математика и природни науки на матурата, велат од Државниот испитен центар. Посочуваат дека со слични проблеми се соочуваат и техничките науки. И на овие насоки бројот на запишани студенти не е доволен, велат од ДИЦ.
Викторија Милевска
