Земјоделство

Исплатени 78 милиони евра субвенции, до 15-ти мај поднесување барања за нови

23.03.2018 14:21

Лани буџетот за поддршка на земјоделството бил реализиран со 99%, што е највисок износ до сега, а исплатени се 78 милиони евра, изјави директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на аграрот, Николче Бабовски. Крајниот рок за поднесувања на барањата за субвенции е 15-ти мај...

6,2 милијарди денари субвенции за земјоделците годинава. Барањата по електронски пат можат да се поднесуваат до 15-ти мај, соопшти директорот на Агенцијата за финансиска поддршка. Производителите за помош можат да се обратат до подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

„Барањата за мерките од растителното производство се поднесуваат врз основа на евидентирани податоци за парцели во Единствениот регистар на земјоделски стопанства и Системот за идентификација на земјишни парцели со состојба на 15 март 2018 година. Барањата за мерките од сточарското производство се поднесуваат врз основа на евидентирани податоци за животни во Регистарот за идентификација и регистрација на домашни животни со состојба на денот на поднесување на барањето“, изјави Николче Бабовски, директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Бабовски уверува дека е останат само мал процент заостанати, неисплатени субвенции. Лани, буџетот за поддршка на земјоделството бил реализиран со 99%, информираше директорот на Агенцијата.

 

Александра Спировска