Храна за сиромашните граѓани со „Оброк за сите“
Сите заинтересирани микро, мали и средни фирми, како и граѓански здруженија можат да се пријават на јавниот повик на Фондот за иновации и министерството за труд и социјална политика „Оброк за сите“, кои со финансиски средства ќе помогнат да се реализираат најиновативните решенија за обезбедување храна за сиромашните граѓани...

Фондот го објави првиот повик за иновативни решенија за социјално претприемништво . Со два милионa денари, микро и малите компании ќе треба да понудат функционален систем за собирање на вишокот храна од хотелите, рестораните, маркетите и нивна дистрибуција до оние на кои им е потребна.
„Бараме иновативно решение за мобилизирање, односно обезбедување храна од пазарните вишоци, кои постојат не само кај угостителите, туку и кај производителите, кај преработувачката индустрија, како и кај дистрибутерите“, изјави директорот на Фондот, Јован Деспотовски.
Проектот „Оброк за сите“ се реализира во соработка со Министерството за труд и социјална политика и треба да им помогне на оние групи што се во ризик, како и да ја поттикне солидарноста.
„Се надевам дека на овој начин не само што ќе добиеме одредени предлози за системско решение, туку ќе ја подигнеме и јавната светс за тоа колку е важно сите ние да бидеме поодговорни кон граѓаните кои имаат помалку во нашето општество“, изјави министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.
90 проценти од вредноста на проектот ќе бидат поддршка, а 10 проценти ќе треба да ги покрие самиот апликант. Јавниот повик трае до 21-ви мај.
Дијана Ценевска
