Се намалува бројот на болни од туберкулоза

23.03.2018 14:48

Лани од туберкулоза во земјава заболеле 220 граѓани, а починале седум. Лекарите алармираат, туберкулозата е сѐ уште болест на младата популација...

Дваесетина пациенти речиси цела година биле лекувани од Туберкулоза, а немале дијагноза. Проблем е што на Институтот за белодробни заболување нема катедра каде што лекарите можат да се едуцираат за да ја препознаат болеста.

„Имаме 21 пациент на возраст од 15 до 38 години кои се лекувани од шест месеци до една година, а не се дијагностицирани. Затоа што немаме катедра и нема кој да ги обучува лекарите. Лекарите не можат да препознаат ТБЦ. Единствена референтна установа за ТБЦ е Институтот за белодробни заболувања. Да се врати катедрата и едукацијата таму каде што припаѓа“, вели д-р Предраг Божичковиќ, директор на Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза.

Лани заболеле 220 граѓани, починале седуммина. Инфицирани биле и 10 деца. Иако е забележан тренд на намалување, надлежните алармираат- туберкулозата е сѐ уште болест на младата популација.

„Најголем број од овие пациенти имаат деца од школска или предшколска возраст. Тоа значи постои реална опасност во семејството континуирано најмладата популација да биде експонирана на изворот на инфекција. Најдрастичниот пример што го имавме во нашата пракса е бебе, новороденче од 7 дена. Во седмиот ден од неговото раѓање таткото е хоспитализиран со бактериолошки позитивна туберкулоза во Институтот“, изјави д-р Зорица Нановиќ, Институт за белодробни заболувања и туберкулоза.

Најризични групи се луѓето во затворите и психијатриските болници, таму туберкулозата најбрзо се шири.

„Во текот на минатата година во затворите се регистрирани 10 нови случаи со туберкулоза, а во психијатриските болници седум нови случаи со туберкулоза“, изјави д-р Биљана Илиевска Поповска, Институт за белодробни заболувања и туберкулоза.

Одбележан Светскиот ден за борба против туберкулозата.

 

Андријана Атанасовска