Разговори за името: Нема забележителни отстапки од црвените линии
Слеано име на македонски јазик и без превод, не е најдобриот правец во разговорите, изјави шефот на дипломатијата Никола Димитров на заедничката прес-конференција со неговиот грчки колега Никос Коѕијас, образложувајќи зошто ваквото решение не е прифатливо за македонската страна. За нацрт- спогодбите што ги разменија Скопје и Атина, Коѕијас рече дека тоа се документи со кои треба да се разјаснат позициите на страните, а не да се отежне процесот. Следната средба на двајцата министри со медијаторот Нимиц е најавена за 30-ти март во Виена...

Уште еден обид да се надмине разликата за името, но нема забележителни отстапки за црвените линии. Да се направи разумен компромис, не можат и двете земји да бидат задоволни од евентуалниот договор, оценува шефот на грчката дипломатија, Коѕијас по средбата со неговиот колега и домаќин, македонскиот министер за надворешни, Димитров. Уставот е материја која се менува вели Коѕијас, објаснувајќи што значи за него чесен договор.
„И во Грција правиме разни уставни промени, тоа не е ништо страшно. Законите, уставите, менталитетите со текот на времето се менуваат. Како што имам и кажано, две главни и пет помали промени има направено тука земјата, не сакам да навлегувам сега во тоа прашање. Морална промена е таа што ќе ги задоволи и двете страни“, рече грчкиот шеф на дипломатијата, Коѕијас.
Станува збор за деликатен баланс, и секое изместување ќе ја наруши рамнотежата на равенката. Димитров додава, за ова се размислува секојдневно увидувајќи ги гледиштата и на македонскиот и на грчкиот народ. Сепак, тешко може да му се објасни на сопствениот народ предлогот, којшто го посочи грчкиот новинар, слеан предлог „Горнамакедонија“, на како што рече, словенски јазик.
„Тешко ми е на својот народ да му кажам, бидејќи ние сме народ под тоа име, иако мислам дека идентитетски различни работи разбираме кога ќе се каже Македонија во Грција и кога ќе се каже Македонија во Република Македонија. Не може да се каже дека сложено име со некаква одреднца која што го содржи зборот Македонија, малку е тешко да се аргументира дека тоа е- ако имаме еден збор“- изјави министерот за надворешни. Димитров.
Шефот на грчката дипломатија разговараше и со премиерот Зоран Заев во македонската Влада следуваше ракување, во пријателска атмосфера како што го направија тоа пред знамињата на двете држави, Димитров и Коѕијас.
Според најавите, на 30-ти март следува средбата на двајцата министри во седиштетот на Обединетите нации во Виена. Таму треба двете нацрт- спогодби да се слеат во една. Тоа треба да биде направено од посредникот во преговорите, Метју Нимиц.
Зоран Богатинов
