Терористички напад во Франција

Убиен напаѓачот кој држеше заложници во супермаркет во Треб

23.03.2018 16:20

Француската полиција го убила напаѓачот кој држеше заложници во супермаркет во јужниот дел на Франција. Информациите се дека убил најмалку двајца. Премиерот Едуард Филип рече дека инцидентот во Треб е терористички акт...

Француските специјални полициски сили го неутрализираа напаѓачот во Треб, со што ѝ се стави крај на заложничката криза. Последниот биланс е тројца мртви и тројца повредени. Во нападот се повредени и тројца припадници на безбедносните сили, двајца во редовите на жандармеријата кои интервенирале и еден потполковник на жандармеријата, кој доброволно заменил како заложеник една жена во супермаркетот.

Според премиерот Едуар Филип, сѐ укажува на тоа дека нападот е чин на тероризам, а тоа мислење го дели и претседателот Емануел Макрон, кој по самитот во Брисел се враќа веднаш во Париз.

„Се остава да се мисли дека станува збор за терористички напад, кој во моментов е во тек. Силите на редот и на жандармеријата интервенираа крајно брзо и координарно, по нападот на кој беа жртви полицајците“, изјави францускиот претседател, Емануел Макрон.

Се започна изутринава, кога напаѓачот најпрво украл автомобил при што смртно го ранил сопственикот на автомобилот. Потоа околу десет часот и триесет минути во Каркасон, кога се обиде со автомобилот да нападне четворица припадници на полицијата кои биле на утрински џогинг, а пота стрелал врз нив, при што ранил еден од полицајците. Подоцна на паркингот на супермаркетот во Треб е пронајден автомобилот на напаѓачот, истовремено беше пријавено дека внатре во супермаркетот се случува заложничка драма.

Според првите елементи од истрагата, напаѓачот влегувајќи извикувал „Алах Акбар“  вооружен со ножеви, пиштоли и гранати. Напаѓачот тврдеше дека ѝ припаѓа на терористичка група Исламската држава.

Според француските медиуми, ако се потврди идентитетот на напаѓачот тој ѝ е познат на полицијата како радикализиран исламист. Овој 25 годишен французин со мароканско потеклобил следен од полицијата поради неговата радикализација.

Она од што стравуваа властите, мета на терористичките напади станаа и малите градови, а не како што досега беше случај само големите француски градови.

Тони Гламчевски, допсиник од Франција за МРТ