Каталонија

Жестоки судири меѓу полицијата и демонстрантите во Барселона, по апсењето на Пуџдемон

26.03.2018 10:21

Во Барселона, жестоки судири меѓу полицијата и демонстрантите. Незадоволни од одлуката за апсење на поранешниот претседател на Каталонија, Пуџдемон во Германија. Полицијата со предупредувачки истрели и со палки против насобраните лица. Доколку биде екстрадиран, на Пуџдемон во Шпанија му се заканува затвор и до 30 години...

Со европски налог за апсење, германската полиција го приведе поранешниот лидер на Каталонија, Карлес Пуџдемон, на границата со Данска. Патувал во Финска за да се сретне со законодавците. Откако беше реиздадена потерницата, Пуџдеомн одлучил да се врати во Белгија каде што живее во егзил откако во октомври каталонскиот парламент еднострано прогласи независност од Шпанија.  Официјален Мадрид го обвини за агитирање на масата и за бунт, но во декември, шпански судија ги повлече меѓународните потерници за каталонските лидери поради изразена подготвеност да се вратат во земјата.

Револтирани од последните случувања, граѓаните во Барселона излегоа на протест, барајќи слобода за политичките затвореници. Речиси 90 лица завршија со повреди во судирите со полицијата којашто досега уапси четворица на насилните собири.

„Ова судење нема основа. Немаше насислтво. Ние сѐ уште сме револуција со насмевки. Зборувавме со оние кои веќе беа затворени. Да видиме како ќе се развива ситуацијата неделава. Претседателот и покрај сите ризици не се откажа од патувањето. Мора да одиме напред и покрај заканите, неправдата кон демократијата, граѓанските права, пацифизмот“, изјави Елса Артади, портпарол на „Заедно за Каталонија“.

Пуџдемон треба да се појави пред германски суд каде што треба да се потврди неговиот идентитет. Германските судии ќе мора да оценат дали постои еквивалент во нивниот закон за обвинувањата од Шпанија. Процесот на екстрадиција би траел околу два месеца. Ако официјално почне, судија ќе решава дали Пуџдемон ќе остане во притвор. Ако биде осуден, во Шпанија го очекува 30- годишна затворска казна.

Маја Филдишев