Снимката за „Поткуп“ засега нема да се гледа во судница

26.03.2018 12:37

Јавноста засега нема да ја види целата снимка за „Поткуп“. Обвинителство ја бара одлуката на судот писмено, за да може да се жали. Според обвинението, Заев како струмички градоначалник барал пари од бизнисменот Николов за легализација на земјиште...

Во Кривичниот суд ново рочиште за случајот „Поткуп“.  Снимката обезбедена со посебните истражни мерки, која како доказ се користи во случајот, иако најавено, нема да се гледа во судница. Обвинителството кое се противеше снимката да биде презентирана, побарало одлуката да ја добие на писмено, за да може да ја обжали пред повисокиот суд.

Сведочеше и струмичкиот бизнисмен Иван Николов Сачевалиев. Изјави дека на 8-ми ноември 2013-та година, телефонски бил повикан од Заев во неговиот градоначалнички кабинет во Струмица. Кога пристигнал Заев му кажал дека го викнал за да му соопшти дека земјиштето за кое бил заинтересиран може да го купи по цена од 70 денари за метар, но под услов да даде уште по три евра - по едно евро за него, за црквата и за СДСМ. Тој му одговорил дека тоа се многу пари и дека за купување на земјиштето имал подготвено 100.000 евра. Заев, наведе Сачевалиев, му покажал хартии на неговото биро за кои му кажал дека се од фирми со кои е завршена работата на истиот начин како што нему му било понудено.

Откако случајот го пријавил во МВР, Сачевалиев, како што појасни, бил препратен во ОЈО, каде му била дадена опрема за прислушување, по што повторно отишол кај Заев. Во меѓувреме Заев му кажал дека ја намалил цената на две евра - за него и за црквата. Се договориле да се сретнат и Заев му кажал дека парите треба да му ги даде на неговиот брат Вице.

Заев на последното рочиште изјави дека снимката е најмалку два пати сечена, со цел да му се нанесе штета на неговиот углед и чест. Обвинет е за барање поткуп за над 160 илјади евра за легализација на градежно земјиште.