Протести во Барселона по апсењето на Пуџдемон
Белгискиот адвокат на уапсениот екс-лидер на Каталонија, Пуџдемон ја обвини Шпанија за диктатура. Германската полиција го привела откако со автомобил се враќал од Финска каде што ја промовирал каузата за независноста. Неговите сограѓани на протести. Приведени и повредени на улиците. Лидерите кои се залагаат за независност се откажаа од палновите да именуваат нов претседател откако во петокот беше уапсен и последниот кандидат Жорди Турул...

Со европски налог за апсење, германската полиција го приведе поранешниот лидер на Каталонија Карлес Пуџдемон, на границата со Данска. Отпатувал во Финска за да се сретне со законодавците и да ја промовира каузата за каталонската независност. Мадрид испратил барање на шпански јазик до финските власти за негово приведување, но без соодветен превод. Во меѓувреме, беше реиздадена потерницата, па Пуџдемон тргнал назад кон Белгија каде што живее во егзил откако во октомври каталонскиот парламент еднострано прогласи независност од Шпанија.
Официјален Мадрид го обвини за агитирање на масата, бунт и проневера на државни фондови, но во декември, шпански судија ги повлече меѓународните потерници за каталонските лидери поради изразена подготвеност да се вратат во земјата. Белгискиот адвокат на Пуџдемон, Пол Бекаерт тврди дека Шпанија оди кон диктатура.
„Има многу причини поради кои Германија може да го отфрли европскиот налог за апсење, првенствено бидејќи се злоупотребува за затворање на политички опоненти. Веројатно ќе земат предвид дека Шпанија оди кон диктатура, и дека веќе нема поделба на силите, дека нема ни парламентарна демократија затоа што оние кои беа избрани се зад решетки“, изјави Пол Бекаерт, адвокат на Карлес Пуџдемон.
Револтирани од последните случувања, граѓаните во Барселона излегоа на протест, барајќи слобода за политичките затвореници. Речиси 90 лица завршија со повреди во судирите со полицијата којашто досега уапси четворица на насилните собири.
„Ова судење нема основа. Немаше насислтво. Ние се уште сме револуција со насмевки. Зборувавме со оние кои веќе беа затворени. Да видиме како ќе се развива ситуацијата неделава. Претседателот и покрај сите ризици не се откажа од патувањето. Мора да одиме напред и покрај заканите, неправдата кон демократијата, граѓанските права, пацифизмот“, изјави Елса Артади, портпарол на „Заедно за Каталонија“.
„Ќе се применат законите, работите се во рацете на правдата, постои закон, постои судија кој проценува. Од социјален и цивилен аспект, мислам дека ситуацијата ќе трае со години.“
Потврдувањето на идентитетот на Пуџдемон се врши пред германски суд каде што ќе се оценува дали постои еквивалент во нивниот закон за обвинувањата од Шпанија. Процесот на екстрадиција би траел околу два месеца. Доколку биде осуден во Шпанија, го чека затворска казна од триесетина години.
Маја Филдишев
