Здравство

Стоматолозите на средба со министерот Филипче и со директорот на ФЗОМ Дончев

26.03.2018 14:34

Стоматолозите на средба со министерот за здравство Филипче и со директорот на Фондот, Дончев. Добиле позитивни сигнали за решавање на проблемот со специјалистичките договори. Велат дека сега не се конкурентни на пазарот. Од ресорот најавуваат законски измени во лиценцирањето...

Стоматолозите- специјалисти кои немаат склучено договор со Фондот, бараат здравствените услуги да ги извршуваат на државна сметка, за да бидат конкурентни на пазарот. Велат, со вклучувањето во здравствената мрежа ќе имаат пониски цени, бидејќи сега доколку пациентот реши да се лекува во нивната ординација, ќе треба да плати 10 пати повеќе отколку кај стоматолог што има договор со Фондот. Објаснуваат дека проблемот го имаат со години.

„Во моментов се наоѓаме во ситуација каде што пациентите си ги побаруваат услугите на товар на Фондот, но ние ги немаме склучено тие договори и не можеме да им ги предложиме. Нашето барање е ние како специјалисти да функционираме, да добиеме договори со Фондот, а воедно на нашите пациенти да им биде овозможено да и користат тие услуги и во нашите ординации“, изјави д-р Александар Трајковски, стоматолог.

По неколкуте барања за средба со надлежните, ги повика министерот Филипче. Присуствуваше и директорот на Фондот, Ден Дончев. Велат, добиле позитивни сигнали за решавање на проблемот. Идната недела нова средба, кога ќе се знае колку стоматолози- специјалисти работат без договор со Фондот за здравство.

„Првично ќе има промени во Законот за лиценцирање, односно за земањето на специјалистички лиценци без разлика на типот на ординација. А, во втората фаза ќе се работи на регулирање на мрежата на ниво на Република Македонија на здравствени услуги“, изјави д-р Ана Дуковска Цветковска, стоматолог.

По средбата, од Министерството за здравство соопштија дека два месеца работат на реализација на нивните барања. Додаваат дека стоматолозите специјалисти се согласиле со предвидената динамика за исполнување на нивните барања.

 

Андријана Атанасовска