Воздухопловните власти ќе реферираат за емисиите на јаглерод при прелети
Неутрализирање и намалување на емисијата штетни гасови во сообраќајот според светските стандарди. Од ресорот транспорт и врски бараат начин, како ниско буџетските авиокомпании да продолжат да функционираат и да можат да конкурираат на тендерите.

Европското цивилно воздухопловство во акција, за две години треба да го стопира зголемувањето на емисиите штетни гасови од авионите. Вкупното загадување да го намали за 33 насто. Нискобуџетските летови ја зголемија фрекфенцијата. Ќе се стега обрачот околу авиоиндустријата. 192 држави ќе работат на подобрување на аеродинамиката на авионите и нивните мотори.
„ИКАО усвои историска одлука, прв систем за намалување на емисии на издувни гасови со кој се обврзуваме од 2020- та дека нема да има зголемување, но тоа значи и големи обврски. Затоа заедно ќе работиме на овој систем за неутрализирање на издувни гасови“, вели Џејн Ејуп, заменик- директор на Бирото за животна средина- ИКАО.
Над 300 илјади летови на македонското небо. И домашните воздухопловни институции ќе има обврска да ги пријавуваат сите емисии при прелети на воздухоплови и од цивилната и од воената авијација.
„Над македонската територија на годишно ниво има повеќе од 300.000 летови и се знае кои се типовите на авиони. Станува збор за постапка во која авиокомпаниите ќе бидат под голем предизвик и притисок бидејќи ќе мора да постигнат одреден таргет кој ќе биде зададен од индустријата и со тоа ќе треба да работат на подобрување на своите флоти, на нивните мотори за намалена емисија, а со тоа ќе се зголеми просторот за истражување на сите производители на воздухоплови и на мотори“, вели Горан Јандреовски, директор на АЦВ.
Од милијарда патници што користеле авиотранспорт, 26 проценти се од Европа. Новиот систем нема да ги зголеми цените на билетите- убедуваат надлежните од Европската комисија.
„Имаме и голема одговорност бидејќи од милијарда патници што користеле воздушен транспорт лани 26 проценти се од Европа и затоа треба да бидеме многу претпазливии за предизвиците на животната средина. Цените на билетите се намалени за 70 проценти откако Западен Балкан стана дел од европската област за цивилно воздухопловство, но тоа значи и повеќе воздухоплови и поголеми предизивици за заштита од издувните гасови“, посочува Хенрик Холовеј, генерален директор за транспорт во Европската комисија.
Прописите за редукција на јаглерод диоксид од авионите ќе бидат дел од условите за работа на нискобуџетските компании во Македонија- убедуваат од Министерството за транспорт. Јавниот повик ќе биде објавен следниот месец.
„Работиме на креирање на посебни услови, како нискобуџтеските компании ќе продолжат да функционираат во Република Македонија, и работиме на тоа да се изготват подобри услови во тој дел, очекуваме тоа да се случи наредниот месец кога ќе биде распишан повикот“, вели министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.
Обврските на ИКАО за редукација на загадувањето од авионите се поголеми за државите со сопствена авиокомпанија. 100- тина европски преставници од цивилното воздухопловски на дебата во Скопје креираат стратегија пред преземање на обврските од Системот за намалување на јаглерод во меѓународното воздухопловство.
Сузана Фиданска- Стоевска
