Жртви во пожар во трговски центар во Кемерово
Над 60 загинати во пожар во трговски центар во сибирскиот град Кемерово. Меѓу жртвите има и деца. Дел од очевидците велат дека пожарот го предизвикало дете, додека пак, според други, причина била несиправната електрична инсталација. Приведени се четири лица...

Трагедија во сибирскиот град Кемерово. Во пожар во трговски центар загинаа над 60 луѓе. Меѓу жртвите најмалку деветмина се деца, додека над 40 се повредени. Дваесетина луѓе биле спасни од зградата, додека пак околу 100 биле евакуирани. Пожарот избил на четвртиот кат каде што се наоѓале киносали и детски забавен центар.
„Ова е мојата ќерка, Светлана. Има пет години. А ова е Јегор, на 3-ти април ќе наполнеше 10 години“, вели Едуард Ковалевски, родител на загинати деца.
„Паника, хаос, луѓе трчаа насекаде. Се стемнуваше, светлата се изгаснаа, лифтовите не работеа. Алармот за пожар не функционираше“, вели Данило Плијут, очевидец.
Дел од очевидците тврдат дека пожарот почнал откако дете со запалка запалило трамполина, додека пак според други до пожарот дошло поради несиправна електрична инсталација. Пожарникарите успеале да го изгаснат огнот дури 12 часа по избивањето, а зградата претрпела голема материјална штета.
Медиумите објавија снимки на кои се гледаа луѓе како се обидуваат да се спасат скокајќи од зградата, додека пак на други се гледа како група луѓе се обидуваат да пробијат заклучена врата за евакуација.
Претседателот Путин им изрази сочувство на семејствата на настраданите. Властите уапсија четири лица во врска со инцидентот.
„Ги истраживме сите пет ката од трговскиор центар и продолжуваме да го расчистуваме третиот. Исто така почнавме и со идентификација на телата“, изјави Владимир Пучков, министер за итни случаи на Русија.
Пожарот се смета за еден од најсмртоносните во Русија по распадот на Советскиот сојуз.
Во меѓувреме медиумите објавија дека во трговскиот центар избил уште еден пожар. Спасувачките служби соопштија дека многу луѓе сѐ уште се водат како исчезнати.
Марина Ристова
