Светски ден на лицата со епилепсија

26.03.2018 15:28

26-ти март е виолетов ден и Светски ден на епилепсијата. Востановен е пред десет години, а лицата со епилепсија секојдневно повеќе се борат со предрасудите. Македонското здружение и над 25.000 лица со епилепсија порачуваат: „Иако сме различни- сепак сме исти“.

Паце Кавкалеска цел живот се бори со епилепсијата. Но, и со сознанието дека мора прво да ги набави лековите. Живее од социјална помош од 2.800 денари. Лековите иако се на позитивна листа, квотата им е мала.

Во Македонија има околу 25.000 лица со епилепсија. Во Прилеп се 750, а во општината и до 1.000 лица. Најболни се предрасудите, велат од републичкото здружение, зашто иако се различни, сепак се исти.

Веќе 10 години во светот се одбележува виолетовиот ден. Ден на бојата која причинува депресија зашто лицата со епилепсија не се третираат како еднакви. Има 40 видови и сѐ зависи дали лицето има еден или секојдневни напади. Не се смета за хендикеп, но од државата се бара категоризација и промена на законските прописи.

Прилеп целосно ја дава својата поддршка. Младите волонтери и денеска, и секој друг ден се подготвени да објаснат и да помогнат.

Подигнувањето на свеста е клучна за сфаќањето на околу 25.000 луѓе во Македонија со епилепсија.

Елизабета Митреска