ЕЛЕМ купува механизација за РЕК Битола
Државните електрани објавија тендер за набавка на помошна механизација што ќе се користи за ископ во РЕК Битола. Се предвидува да бидат купени вкупно 44 парчиња разновидна механизација, со што ќе прекине ангажманот на механизација од приватни компании, за што во просек годишно се одлевале по девет милиони евра...

Од почетокот на 2019-та државните електрани нема да користат надворешна механизација за ископ на јаловина и на јаглен во РЕК-Битола. Со објавениот меѓународен тендер ќе се набават вкупно 44 парчиња најразлична помошна механизација, за што ќе бидат ангажирани дел сопствени средства, а дел банкарски кредити.
„Во изминатите 10-тина години за оваа намена биле потрошени вкупно 93 милиони евра за набавка на помошна механизација од надворешни фирми. Нашата предвидена рамка за набавка на оваа механизација, на овие 44 парчиња, е некаде околу 19 милиони евра“, изјави Драган Миновски, генерален директор на АД ЕЛЕМ- Скопје.
До средината на април ЕЛЕМ ќе објави и тендер за набавка на циклична механанизација, што ќе се користи во рудникот Брод- Неготино, за што се планираат околу 22 милиона евра, најави Миновски. Според него за 10 години за ангажирање на помошна и на циклична механизација од надворешни фирми ЕЛЕМ платил вкупно 212 милиони евра, додека набавка на сопствена, според пресметките, ќе чини околу 41 милион евра. Услов за понудувачите на механизацијата е машините да бидат со најмалку ЕУРО 4 мотори, како и отворање на сервис во Битола или нејзината околина. Коментирајќи го растот на нивото на Охридското езеро, Миновски изјави дека сега тоа е 4 сантиметри под максимално дозволената кота и ЕЛЕМ прави се да се спречи можно излевање на вода, но истовремено и да се спречи нанесување штета на населението по течението на реката Дрим.
„Отворот на Дрим сега е на ниво од околу 40 м3/сек. Нормално се прават оптимизации на испустот на вода и на дотокот се со цел да не се нанесат штети ниту на граѓаните на Охрид, ниту на Струга, меѓутоа ниту на жителите кои се по течението на Дрим“, вели Миновски.
ЕЛЕМ во 2018-та не увезувал електрична енергија, затоа што хидро електраните произвеле струја за 39% над планот, појасни Миновски, а евентуалните вишоци ќе бидат понудени во летните месеци, кога берзанската цена е далеку повисока од сегашната.
Свето Николовски
