Заев: Се потврди дека сведокот бил инструиран, неколку пати кажа дека ме местел
Заев му побарал поткуп, но тој не дал ниту евро- во Кривичниот суд сведочеше бизнисменот Николов- Сачевалиев за случајот „Поткуп“. Рече дека прикажаната снимка не била целосна...

Во Кривичниот суд рочиште за случајот „Поткуп“. Сведочеше струмичкиот бизнисмен Николов- Сачевалиев, кој рече дека поранешниот градоначалник Зоран Заев му барал по едно евро за него, за црквата и за СДСМ. Опремата за снимање му била дадена од институциитe, a снимката не била целосна. Заев вели – се потврди дека сведокот бил инструиран за да го намести.
„За мене е многу значајно за овој судски процес, реков, во секоја нормална земја, така и во нашата, е единствено можно низ нормални, транспарентни и отворени судски процеси да ја докажеме вистината и правдата. Денеска можевме на неколку пати да видиме јасни признанија од единствениот сведок во процесот, дека бил инструиран и под наредба на јавното обвинителство и полицијата. Неколку пати кажуваше како ме местел и ме наведувал, за да извлече зборови од мене. Тоа е јасно, секако судот ќе си ја донесе одлуката. Она што можам да го испратам како порака е дека правдата постои и таа ќе дојде, и вредно е секој човек да се бори до крај за неа“, изјави Заев.
Снимката обезбедена со посебните истражни мерки, која како доказ се користи во случајот, иако најавено, денеска не се објави во судницата. Обвинителството кое се противеше снимката да биде презентирана, побара одлуката да ја добие на писмено, за да може да ја обжали пред повисокиот суд.
Бизнисменот Николов- Сачевалиев, потврди дека негови се потписите на пишаната изјава што ја дал во Јавното обвинителство во 2013-та година, но дека била сменета содржината.
Заев на претходното рочиште изјави дека снимката е најмалку два пати сечена, со цел да му се нанесе штета на неговиот углед и чест. Обвинет е за барање поткуп за над 160 илјади евра за легализација на градежно земјиште.
Следното рочиште за „Поткуп“ е закажано за 12-ти април.
