Дипломатска војна меѓу истокот и западот
Нова дипломатска војна меѓу истокот и западот. Случајот „Скрипал“ го предизвика најмасовното протерување на руски дипломати во историјата. Вашингтон и Брисел солидарни со одлуката на Британија и покрај тензиите за натамошниот развој на односите меѓу ЕУ и Кралството поради преговорите за Брегзит. Слично казнување на дипломатскиот персонал на Русија се случи во ерата на американскиот претседател Реган и во администрацијата на Обама...

САД и европските сојузници прогласија „персона нон грата“ над 100 претставници на Кремљ во своите земји како кооридниран одговор на случајот „Скрипал“. И Австралија се вклучи во групата од дваесетина земји кои ги поддржаа Обединетото Кралство и одлуката за прекин на соработката со стотина дипломати на Москва. Официјален Лондон, а и Брисел, и натаму тврдат дека Кремљ стои зад труењето со нервен агенс.
„Режимот на престедателот Путин извршува агресија против нашите заеднички вредности и интереси на континентот и пошироко. Како суверена европска демократија, Обединетото Кралство ќе стои рамо до рамо со ЕУ и НАТО за да се справи со заканите“, изјави премиерката на Обединетото Кралство, Тереза Меј.
„Реакцијата следува по употребата на воено хемиско оружје од Русија во Обединетото Кралство, и таа беше преземена во координација со нашите сојузници и партнери на глобално ниво, вклучувајќи и дваесетина земји во ЕУ и НАТО. Подготвени сме за соработка, за подобрување на односите со Русија, но ова може да се случи исклучиво ако се промени односот на Кремљ“, нагласи Раџ Шах, заменик портпарол на Белата Куќа.
Москва негира вина и најави контрамерки. За Министерството за надворешни работи на Русија, последните случувања се само ново продолжение на патеката на конфронтација. Ова е провокативен гест на кој ќе одговориме соодветно, порачаа во Кремљ.
„Задачата е да се демонизира Русија и сведочиме дел од долгорочната програма на неконтролирана русофобија. Тоа е прашање не само за Русија како држава, туку прашање на Русите и рускиот народ. Сосема природно, по Самитот на ЕУ ние сфативме што ќе се случува и се подготвивме за тоа“, изјави Марија Захарова, портпарол на руското МНР.
„Исклучително непријателски потег. Познато ми е дека мора да заминат веднаш десетина наши дипломати, односно до втори април. За оваа одлука ќе се протестира многу“, нагласи Василиј Небензја, руски амбсадаор во ООН.
Дел од земјите-членки, вклучувајќи ги Австрија, Грција и Португалија, потенцираа дека нема да протеруваат дипломати, но се согласуваат со Британија и го осудија труењето.
Москва и натаму останува на ставот за производство на нервниот агенс што ги затру односите меѓу Западот и Истокот во една од четири европски земји.
Маја Филдишев
