Димитров: Протераниот руски дипломат дејствувал надвор од својот мандат
И Македонија протера руски дипломат. Дејствувал надвор од мандатот. Собирал разузнавачки информации. Ова го изјави министерот за надворешни, Димитров кој беше домаќин на австриската шефица на дипломатијата Кнајсл. Австрија не протера руски дипломатски претставници, позицијата ѝ е неутрална, но е деклариран сојузник на ЕУ...

Протерувањето на рускиот дипломат е засновано на две основи- меѓународен фактор, односно солидаризирањето што го побараа нашите сојузници, но и домашниот фактор. Станува збор за лице што дејствувало надвор од својот дипломатски мандат, изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров.
„Се работи за обид за добивање класифицирани информации важни за безбедноста на Македонија. Нашите сознанија се потпираат врз цврсти докази и немаме дилеми околу тоа“, изјави шефот на дипломатијата, Никола Димитров.
Шефот на македонската дипломатија оцени дека меѓу пријателите има и недоразбирања, а кога тие ќе се надминат, пријателството ќе биде посилно.
Австриската министерка Карин Кнајсл истакна дека Австрија се изјаснила за солидаризирање со Велика Британија, но кога станува збор за прогласување дипломати за „персона нон грата“, тогаш тоа е билатерално прашање и проценка.
„Во тешки времиња особено е важно да ги оставиме отворени каналите за комуникација. Австрија води политика на неутралност, политика што гради мостови. Тоа е традицијата на австриската дипломатија“, нагласи министерката за надворешни работи на Австрија, Кнајсл.
Од 1-ви јули почнува претседавањето на Австрија со ЕУ, таа улога ја презема од Бугарија. Македонија се надева дека во втората половина на годинава ќе ги отвори поглавјата за придружување кон Унијата.
Марина Стојанова- Тонева
