Јавно обвинителство

Обвиненија против 30 лица за собраниските настани

27.03.2018 14:54

Јавното обвинителство поднесе обвинителен акт до Кривичниот суд против 30 лица за настаните поврзани со 27-ми април. Од нив 28- мина се обвинети за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, а две лица за помагање при вршење на истото кривично дело...

Јавното обвинителство до скопскиот Кривичен суд поднесе обвинение против 30-мина за собраниските настани од 27-ми април. 28- мина се товарат за кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, а двајца за помагање при вршење на истото дело. За пратеничката Жаклина Пешевска е запрена постапката, зашто обвинителството не утврдило елементи за сторено кривично дело. За четвоирцата кои сѐ уште се во бегство, постапката е прекината и ќе продолжи по нивно пронаоѓање.

„Обвинетите го загрозиле уставниот поредок и безбедноста на Република Македонија со акт на насилство и создале чувство на несигурност кај граѓаните. Опсежната истрага утврди и ве уверувам дека во судската постапка ќе се докаже дека обвинетите дејствувале со иста цел, извршувајќи поврзани и усогласени дејствија“, рече државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески.

Со обвинението опфатени се и тројца полицајци овластени за давање команди. Тие, иако биле известувани за загрозувањето на животите на пратеници, новинари, вработени во Собранието, не издале наредба за распоредување на дополнителни полициски сили, ниту за евакуација, со што се придонело за непречен влез во Собранието. Се гонат и четворица организатори на движењето „За заедничка Македонија“. Обвинителството утврдило координација меѓу обвинетите.

„Дел од обвинетите и физички ги нападнале присутните во прес- конференцијската сала, при што им нанеле тешки и лесни телесни повреди на поголем број пратеници. Во прес- центарот, додека траело насилството и нападот од страна на обвинетите, едно од обвинетите лица, се насочил кон оштетениот пратеник Зоран Заев, посегнал по пиштолот кој го носел со себе, но не испукал, затоа што во тој момент пратеникот бил заштитен од обезбедувањето и од други присутни лица“, изјави Елизабета Недановска, портпарол на ЈОРМ.

Од Обвинителството информираа дека истрагата продолжува, зашто во досегашната утврдиле инволвираност и на други непознати лица. Со доставувањето на обвинителниот акт, обвинителството од судот побарало продолжување на мерките затворски и куќен притвор, зашто сметале дека постоела законска основа.

 

Наташа Гркова- Петрушевска