Институт за човекови права: Судскиот совет го изгуби кредибилитетот

27.03.2018 15:03

Судскиот совет го изгуби кредибилитетот, поради несоодветното и нетранспарентно постапување, заклучуваат од Институтот за човекови права. Дел од експертите посочуваат дека Советот не бил на ниво на својата задача во случајот со извештајот за АКМИС системот. Наспроти нив, првиот човек на Советот, Караџовски, смета дека Судскиот совет постапувал професионално и ефективно...

Судскиот совет потфрли како орган што треба да ја гарантира независноста на судската власт, покажала анализата на Институтот за човекови права. Неизборот на претседатели на судови и судии во скопскиот Апелациски и во Врховниот суд од пријавените кандидати на објавените огласи, е одраз на неефикасно и неефективно работење на Судскиот совет, смета претседателката на Институтот, Маргарита Цаца Николовска.

Судскиот совет требал да реагира уште кога во објавените прислушувани разговори се споменувал изборот на одредени судии, смета врховниот судија во пензија, Вера Коцо.

Членовите на Судскиот совет имаат проблем со кредибилитетот, тврди поранешниот уставен судија Игор Спировски, пред сѐ со неактивноста во врска со извештајот за распределба на предмети во АКМИС- от.

Првиот човек на Судскиот совет, Зоран Караџовски не ги прифаќа критиките. Тој посочи дека за АКМИС- от се чекаат записниците, бидејќи Советот го добиол само извештајот.

Британскиот амбасадот Чарлс Гарет посочи дека на судиите, обвинителите, адвокатите, треба да им се пронајдат алатки како да дадат отпор на нелегитимен притсок. Дециден е дека потребни се коренити правосудни реформи, бидејќи владеењето на правото е основа на демократските општества.

Фиљана Кока