Финансии

Царовска: Минималната плата даде резултати

27.03.2018 15:22

Има напредок во однос на платите за најранливите категории работници. Ова се однесува на текстилната индустрија. Министерката за труд Царовска тврди, зголемувањето е над пет насто. Минималната плата за над 90 илјади работници е над 12 илјади или околу 200 евра...

Повеќе од 90 илјади граѓани добиваат минимална плата повисока од 12 илјади денари, просечната плата се зголемила за 5,6 проценти- тврди министерката за труд и социјална политика. Царвоска посочува дека растат примањата и на вработените во текстилната и во кожарската индустрија. 

„Постигнавме зголемување на просечната плата во производство на облека за 16%, а во текстилната индустрија за 24% или раст од 3.870 денари. Со аплицирањето на фирмите кон Управата за јавни приходи имаме остварување на минималната плата без голема апсорбција на финансиски средства од буџетот. Во просек околу 10 илјади работници се поддржани, но не е и преголем бројот на апликации кои што се одбиени во минатиот период“, изјави Мила Царовска, министер за труд и социјална политика.

Синдикалците тврдат дека има напредок во однос на најранливите категории работници.  За текстилот се клучни инвестиции и модернизација на опремата за работа.

„Успеавме ние како Синдикат, текстилните работници да не бидат од втор ред во Македонија во стопанството, туку да го заслужат местото кое им припаѓа“, изјави Душко Радовски, претседател на Синдикатот за текстил, кожа и чвели.

„Модернизација во текстилната индустрија мислиме дека ќе придонесе многу повеќе во извоз на нашите артикли во Западна Европа“, вели Миле Миленковски, работодавач.

Од Синдикатот велат, за решавање на горливите проблеми е потребна тесна соработка со социјалните партнери, Владата и работодавачите.

 

Андријана Атанасовска