Собрание на РМ

Јавна расправа за измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги

27.03.2018 16:15

Во Собранието јавна расправа за измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Главните забелешки поврзани со финансирањето на МРТ и изборот на членови на советот на надлежната агенција и на јавниот сервис. Укинувањето на радиодифузната такса доведе до помали приходи за Македонската телевизија.

Законот за аудиовизуелни услуги не е идеално решение, но е одговор за средување на состојбите во медиумската сфера- јавна расправа. Министрите Манчевски и Поповски велат дека дека главна цел е тргање на политичките моќници и нивното влијание од советот на Агенцијата и на Јавниот сервис.

„Со закон, слобода на медиуми не се регулира. Со закон не може да се решат сите проблеми во медиумите. Најдобриот начин е промена на нашата политичка култура“, изјави министерот Дамјан Манчевски.

„Во суштина оневозможува во иднина ниту една политичка структура да има сериозно влијание врз регулаторното тело, врз јавниот сервис, поточно врз слободата на медиумите и слободата на изразување“, рече министерот Роберт Поповски.

Дел од говорниците сметаат дека е грешка исклучувањето на радиодифузната такса и намаленото финансирање на Македонската Радиотелевизија.

„Мислиме дека дури и 3% од сегашниот буџет би биле доволни за да се финансира МРТ, како вистински јавен радиодифузен сервис“- смета Дејан Георгиевски, Центар за развој на медиуми.

„Ние сме убедени дека МРТ со овие средства кои се предвидени во законот, не само што нема да може да ги исполни новите обврски кои стојат во законот, како отворање на два нови ТВ канали, на албански и на јазикот на националностите, туку нема да може да ги финансира и поддржи и програмите коишто сега се обврска на МРТ“, рече Насер Селмани од ЗНМ.

Со еден процент од буџетот за МРТВ дури во 2021-ва, тешко дека јавниот сервис ќе може со мали пари да ја оствари целосно мисијата да едуцира, образува и забавува – беше истакнато на јавната дебата.

„Мислиме дека на овој начин се остава прозорец, политичката волја да влијае врз буџетот на МРТ и предлагаме овој став од членот на законот да се избрише и да бидат фиксно дефинирани износите од буџетот коишто се префрлаат на МРТ“, изјави Смилка Јанеска- Саркањац, Програмски совет на МРТ.

„Владата при потреба на развивање на техничко- технолошкиот аспект може да додели дополнителни средства. Се надевам дека освен финансиските средства кои се предвидени и не се доволни, мислам дека Владата ќе го употреби овој член“, рече Арун Ибраими, заменик директор на МРТ.

На дебатата за медиумите во Собранието присутни беа и пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Законот е важен, но сѐ уште немаме одлука за враќање во собраниските клупи рече Зоран Илиоски.

„Инаку ова не значи дека ние сме вратени во Собранието, одлуката околу враќањето ВМРО-ДПМНЕ ќе си ја донесе низ органите на партијата“, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Илиоски.

Законот за медиуми влегува во собраниска процедура, преку разгледување во Комисијата за транспорт и врски.

 

Миле Ристески