Реакции

Русија и САД со осуда за инцидентот во Косовска Митровица, повикаа на смирување на тензиите

28.03.2018 12:14

Русија и САД го осудија инцидентот во Косовска Митровица и побараа итен прекин на заканите за регионалната стабилност на Балканот. Дијалогот меѓу Белград и Приштина во застој поради влезот на српската делегација на северот на Косово и покрај забраната на Приштина, употребата на шок-бомби од страна на специјалните сили на Косово и апсењето на Марко Ѓуриќ. „Српска листа“ излегува од Владата на премиерот Харадинај, кој не поднесува оставка иако го губи мнозинството во коалицијата...

По Европската Унија, за косовската криза се огласија Вашингтон и Москва. По инцидентот во Косовска Митровица, кога беше уапсен шефот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ, повикаа на смирување на тензиите на релација Белград- Приштина. Партијата „Српска листа“ излегува од Владата на премиерот Рамуш Харадинај и самостојно ќе формира Заедница на српски општини на годишнината од Бриселскиот договор , со кој Западот гарантира дека Србите на Косово ќе добијат свои институции, и дека косовските специјални сили нема да влегуваат на северот на Косово.

Претседателот Вучиќ ни даде поддршка. На 20-ти април ќе се одбележат пет години од потпишувањето на Бриселскиот договор, ратификуван од Косовскиот парламент со двотретинско мнозинство. Ќе почитуваме сѐ што беше потпишано во Брисел. Сега е време меѓународната заедница да го поддржи српскиот народ во остварувањето на своите права“, изјави Далибор Јевтиќ, вицепремиер и министер за заедници на Косово.

Иако владејачката коалиција го губи мнозинството, Харадинај не планира да поднесе оставка од премиерското место. Приштина се закани со нови апсења, ако се формира Заедницата на српски општини.

Време е да се каже дека никој не треба да го тестира нашето трпение. Време е за дијалог и за преговори. Парламентот се состои од многу парламентарни групи. Српска листа е партнер. Акцијата не беше насочена против косовските Срби или политичката заедница на Косово, освен оние што го прекршија законот. Тоа беше стандардна процедура“, изјави Рамуш Харадинај, премиер на Косово.

Одлуката на „Српска листа“ за излегување од Владата може да резултира со нови вонредни парламентарни избори или замена на Србите со други малцински или опозициски партии.

 

Маја Филдишев