Повторно уапсени петмина обвинети за собраниските настани
Синоќа, по полноќ, петмина обвинети за собраниските настани на 27-ми април лани, повторно се уапсени и однесени во Истражниот затвор- Скопје. Од МВР велат дека постапиле по решението од скопскиот Кривичен суд. На приведените им е одреден 30- дневен притвор. Имаат право на жалба до Апелација. Тортурата на власта ги надмина сите граници, реакција од опозициската ВМРО-ДПМНЕ...

По еден ден дома, петмина обвинети за собраниските настани од 27-ми април, синоќа повторно уапсени и пренесени во Истражниот затвор во Шуто Оризари. Заработија 30-дневен притвор.
Од МВР велат дека постапиле по решението на скопскиот Кривичен суд. Меѓу приведените, екс- министерот за внатрешни и поранешен началник во МВР, и уште тројца полицајци. Кривичниот совет за организиран криминал и корупција на скопска единица делумно го прифати барањето на Обвинителството. Од таму информираат дека мерката ја опредиле поради постоење на основано сомнение дека лицата сториле кривично дело, терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
Во сооштението се наведуваат одредбите од кривичниот законик. Постоела опасност од бегство и страв од попречување на кривичната постапка и влијание на сведоци. Против решението, уапсените имаат право на жалба до скопска Апелација, 24 часа по приемот на решението.
Адвокатите на обвинетите очекуваат во текот на денот да го добијат решението, по што ќе се произнесат за жалба. Дел од бранителите велат дека ова е евидентно непочитување на одлуката на Врховниот суд за ослободување на лицата од притвор.
Тортурата и изживувањето на Зоран Заев и власта со притворените патриоти ги надмина сите граници. Партискиот суд и обвинителството на Заев повторно решија да ги приведуваат пред очите на нивните семејства, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата прашуваат што се смени во однос на околностите поради кои беше преиначен притворот. После сведочењето во случајот „Поткуп“, Зоран Заев нема кредибилитет да биде премиер. Тоа мора да биде покриено со нови политички апсења и притвори без никаква основа, сметаат од ВМРО-ДПМНЕ. Судот мора да најде сила и да се ослободи од стегите на власта и да суди во корист на правото. Сите граѓани мора да бидат еднакви пред законот, стои во соопштението од опозициската партија.
Одлуката на скопскиот Кривичен суд доаѓа по поднесувањето на обвинителниот акт, со кој Обвинителството за организиран криминал и корупција, повторно побара продолжување на мерките притвор.
Врховниот суд завчера, на дел од обвинетите за настаните од 27-ми април, меѓу кои се и петтемина уапсени, мерката притвор им ја замени со домашен.
Наташа Гркова- Петрушевска
