По протерувањето на рускиот дипломат

Засега нема најава за контрамерки од Москва

28.03.2018 14:20

Владата засега нема никаков одговор дали Москва ќе воведе некакви контрамерки по одлуката да биде протеран руски дипломат, вели владиниот гласноговорник Бошњаковски. Повика на поголема одговорност на опозицијата за реформските закони...

Владата засега нема никаков одговор дали Москва ќе воведе некакви мерки како одговор на одлуката да биде протеран руски дипломат, вели владиниот гласноговорник Бошњаковски. Повтори дека е постапено според домашната легислатива, но и според меѓународни конвенции.

За Владата, реформските закони се приоритет. Од опозицијата се бара да преземе поголема одговорност за нивното носење.

„Работните парламентарни групи веќе разговараат за целиот пакет закони, како и за севкупното откочување на работата на Собранието на Република Македонија. Сметаме дека е време опозицијата да ја преземе одговорноста за пакетот реформски закони, бидејќи тоа е во интерес на Република Македонија“, изјави владиниот портпарол Бошњаковски.

Судските реформи ќе продолжат според предвидената динамика и покрај оставката на министерот за правда. Бошњаковски најави дека ќе има работна средба на Советот за спроведување на судските реформи и штом ќе се избере нов министер, тој по функција ќе се вклучи во работата на телото.

Една од препораките на Брисел на патот кон пристапните преговори и членството во Европската унија се токму реформите во правосудството.

 

Игор Панов