Работа за 958 административци вработени по Рамковен
Систематизацијата на првата група вработени по Рамковен ќе заврши за месец до два. Со првата фаза се опфатени 958 административни службеници за прераспределување во институциите од јавниот сектор. Вкупно 1.600 лица, кои не работеа, а примаа плата, треба да добијат нови работни места...

Државните службеници кои беа вработени според Рамковниот договор, а седеа дома и земаа плата, конечно ќе тргнат на работа. Процесот за распределба е почнат, формирани се работни групи за спроведување на систематизација со која се опфатени 958 лица. Вицепремиерот Лика и министерот Манчевски најавија дека распределбата ќе се одвива во неколку фази, бидејќи ќе им треба време на институцииите да се организираат.
Дел од службениците биле електроинженери, а некои имале докторати по германски јазик. Вицепремиерот Лика очекува службениците да го прифатат договорот и да дадат својот придонес во овој процес.
„Веруваме дека тие позитивно ќе одговорат на нашето барање за систематизација. Доколку овие лица одбијат да бидат распределени на работните места предвидени за нив според споменатите критериуми, ќе бидат префрлени на трансфер листата на МИОА. Досега немаме изјави, ниту индикации дека тие не би прифатиле да потпишат договор, со кој ќе се распределат на одредено работно место“, изјави вицепремиерот задолжен за спроведување на Рамковниот договор, Хазби Лика на денешната прес-конференција.
Со планот за систематизација се опфатени сите институции, службениците се избрани по критериум, нивните професии и квалификации, како и според можноста за нивен придонес во институциите.
Надлежните тврдат дека распределбата ќе нема финансиски импликации врз буџетот. Вработувањата според Рамковниот договор почнаа во 2008-ма година преку јавните огласи што ги распишуваше Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор.
Викторија Милевска
