Историска средба меѓу Јонг- ун и Џинпинг
Лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг- ун во Пекинг на средба со кинескиот претседател Си Џинпинг. Прва негова посета во странство по седум години. Јонг- ун потврдил дека е подготвен да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп, пренесуваат кинеските медиуми...

Севернокорејскиот лидер Ким Јонг- ун во Пекинг на историска средба со кинескиот колега Си Џинпинг. Прва неговата посета во странска земја откако стана претседател во 2011-та.
Кинеските новински агенции соопштија дека двајцата лидери имале успешни разговори, при што севернокорејскиот лидер Јонг- ун изразил подготвеност да се откаже од нуклеарното оружје, но поставил предуслови, барајќи реципроцитет и добра волја од Вашингтон и Сеул, мир, стабилност и синхронизирани мерки.
Официјален Сеул потврди дека раководството на Јужна Кореја било информирано за средбата.
„Мислам дека подобрувањето на односите меѓу Северна Кореја и Кина во пресрет на Корејскиот и Американско- севернокорејскиот самит ќе помогне во решавање на проблемот со Корејскиот Полуостров, ќе придонесе за денуклеаризација и воспоставување мир“, изјави Баик Тае- хун, портарол на Министерство обединување за Јужна Кореја.
Ким потврдил дека е подготвен да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп, откако неколку месеци Пјонгјанг и Вашингтон разменуваа закани поради севернокорејската нуклеарна програма.
Севернокорејските медиуми ја оценија посетата како „пресвртница“ во подобрувањето на билатералните врски со Кина.
Официјална Москва го поздрави состанокот меѓу двајцата лидерти и истакна дека тој е важен чекор кон јакнење на позитивните промени на Корејскиот Полуостров. Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека Москва има за цел да ја продолжи соработката со Кина за да ги реши тензиите на полуостровот „со чисто дипломатски средства“.
Марина Ристова
