Повторно приведени петмина за собраниските настани
Синоќа, по полноќ, петмина обвинети за собраниските настани на 27-ми април лани, повторно се уапсени и однесени во Истражниот затвор- Скопје. Од МВР велат дека постапиле по решението од скопскиот Кривичен суд. На приведените им е одреден 30- дневен притвор. Имаат право на жалба до Апелација. Тортурата на власта ги надмина сите граници, реакција од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

По еден ден дома, петтемина обвинети за собраниските настани од 27-ми април, повторно уапсени и пренесени во Истражниот затвор во Шуто Оризари. Одреден им е 30- дневен притвор.
Од МВР велат дека постапиле по решението на скопскиот Кривичен суд. Меѓу приведените, екс- министерот за внатрешни, поранешен началник во МВР и уште тројца полицајци. Кривичниот совет за организиран криминал и корупција на скопска единица делумно го прифати барањето на Обвинителството. Оттаму информираат дека мерката ја опредиле поради постоење основано сомнение дека лицата сториле кривично дело, терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
Во сооштението се наведуваат одредбите од Кривичниот законик. Постоело опасност од бегство. За другите 25 обвинети- судот го отфрлил предлогот на Обвинителството, а ги продолжил мерките за претпазливост и куќен притвор, определени со решението од Врховниот суд.
Дел од бранителите велат дека ова е евидентно непочитување на одлуката на Врховен за ослободување на лицата од притвор. Според нив, има селективна примена на законот.
„Го искористил Кривичниот суд тој момент, дури не сме ни биле известени дека се однесени нашите клиенти во притвор. Ова покажува само на кое ниво се наоѓа судот. Зошто и понатаму се применува селективна правда и двојни аршини? Зошто од 30 луѓе, само петмина кои се припадници на МВР се вратени во притвор? Веќе долго време трае истрагата, никој не се ни обиде, нити имаше раелна опасност од бегство“, изјави адвокатот Звонко Давидовиќ.
Адвокатите на обвинетите по добивање на решението, ќе се произнесат за жалба.
Од ВМРО- ДПМНЕ велат дека тортурата и изживувањето на Зоран Заев и власта со притворените патриоти ги надмина сите граници. „Партискиот суд и обвинителството на Заев повторно решија да ги приведуваат пред очите на нивните семејства“-реагираат од партијата.
„Правосудните органи под притисок на власта си поигруваат со човечките судбини. Апсењето на лицата кои се веќе ослободени од притвор, како да стнаува збор за најголеми криминалци, а не за луѓе кои целиот свој живот го посветиле на Република Македонија, е одраз на политички гнев и класичен политички прогон. Кој го нарача и кому му беше потребно ваквото малтретирање? Зошто некој сакаше семејствата повторно да ги преживуваат истите трауми? Што се смени во однос на околностите поради кои беше преиначен притворот? Како и до сега, така и сега, не постои ниту една причина за определување на мерката притвор“, изјави генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.
Одлуката на скопскиот Кривичен суд доаѓа по поднесувањето на обвинителниот акт, со кој Обвинителството за организиран криминал и корупција, повторно побара продолжување на мерките притвор за 16- мина, куќен за 12 и за двајца гаранција. Претходно, Врховниот суд на дел од обвинетите за настаните од 27- ми април, меѓу кои се и петтемина уапсени, мерката притвор им ја замени со домашен.
Наташа Гркова- Петрушевска
