Тевдовски предлага 18 проценти данок за приход над 1.000 евра
Економскиот раст од 3,2 насто е остварлив, тврди министерот за финансии Тевдовски. Политиката да ги тргне рацете од бизнисот. Секој инвеститор да се чувствува сигурен, а државата да биде стабилна, вели вицепремиерот Анѓушев. За раст на мала економија, како македонската е неопходно креирање извозно ориентирани компании и инвестирање во одржливи, инфраструктурни проекти...

Даночна стапка од 18 проценти за секој остварен приход над 1.000 евра. Министерството за финансии, предлогот ќе го стави на јавна расправа идниот месец. Ресорот оценува дека два процента од граѓаните би биле опфатени со планираната реформа. Ова е предлогот на Министерството за финансии за кој во април ќе почне дебатата за воведување на прогресивното оданочување.
Сепак, вицепремиерот за економски прашања предупредува дека се потребни длабински анализи, за прагот да не се спушти прениско.
Надлежните остануваат на ставот дека проектираниот економски раст од 3,2 процента е остварлив. Велат, стопанството има потенцијал и за повисоки остварувања.
Од Светска банка посочуваат дека е клучно, ефикасно да се трошат јавните финансии. ММФ укажува- важни фактори се добра инфраструктура, владеење на правото и зголемување на продуктивноста.
Учесниците на економскиот форум рекоа и дека секој инвеститор во земјава, домашен и странски треба да се чувствува сигурно.
Дијана Ценевска
