Истражување

На патот кон ЕУ, Македонија да се фокусира на реформите

28.03.2018 15:31

Реформите во Македонија, особено во судството и во јавната администрација, сѐ уште без конкретни резултати, анализа на Институтот за европска политика. Иако на Балканот предничиме во усогласувањето на законодавство со европското, нема конкретна имплементација, велат од Институтот.

Македонското законодавство е најмногу усогласено со европското, но недостига спроведување на законите. Затоа на патот кон Европската унија, Македонија треба најмногу да се фокусира на реформите во судството и јавната администрација- истражување на Институтот за европска политика.

Европската унија постојано ги зголемува критериумите за членство, па пред Македонија се поставуваат задачи со кои не се соочиле другите земји кандидати при преговорите со Унијата. Пречка може да бидат и ставовите на некои земји- членки како Холандија, Франција и Германија кои не се наклонети на ново проширување на ЕУ.

Македонија може да стане членка на ЕУ до 2025-та, но мора да ги интензивира реформите и да покаже резултати за да добие препорака за почнување на преговори.

Усвојувањето на закони потребни за евроинтеграцијата што треба да се донесат со двотретинско мнозинство е невозможно без вклученост на опозицијата, што мора да се надмине, сметаат од Институтот.

 

Ирина Гелевска