Инфраструктура

Инвестициски циклус од 270 милиони евра за патишта

28.03.2018 17:08

Владата најави инвестициски циклус од 270 милиони евра за изградба и реконструкција на патишта. Стратегијата опфаќа правци во должина од 800 километри- автопати, експресни и други делници. Парите обезбедeни од буџетот и од меѓународни финансиски институции.

Власта почнува нов инвестициски циклус со кој, освен изградба на нови автопати и регионални патишта, ќе се реконструираат и модернизираат и постојните. Потребните 270 милиони евра се веќе обезбедени, дел се од буџет, а дел од странски кредитни извори. Практично ќе се работи на повеќе од 60 патни правци во вкупна должина од 800 километри.

„Со околу 20 милиони евра ќе се работи на рехабилитација на патишта во должина од 230 километри, со 86 милиони евра од ЕБОР се планира рехабилитација на 26 патишта во должина од 422 километри, а со 14 милиони евра од Светска банка ќе се работи на рехабилитација на 13 патишта во должина од 150 киометри“, изјави премиерот Зоран Заев.

Со овие капитални инвестиции се обезбедува поефикасна и поквалитетна патна инфраструктура, која заедно со железничката и енергетската создава предуслови за забрзан економски развој и привлекување нови странски инвестиции, смета Заев. Според ресорниот министер Сугарески станува збор за најобемна програма за подобрување на патната инфраструктура, а интензивно се работи на проектната документација, дел од договорите со изведувачите се веќе потпишани.

„За автопатот Миладиновци- Штип во најракток рок ги решивме сите недостатоци, со изведувачот потпишавме договор за продолжување на рокот без да биде оштетен државниот буџет и очекувам до крајот на септември оваа година и тој авотпат да биде завршен“, изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Со пуштањето на делницата Демир Капија- Смоквица и рехабилитацијата на дел од автопатот, практично целиот Коридор 10 ќе биде модернизиран, изјави Сугарески. За делницата Скопје- Блаце од 13 километри се врши препроектирање, а се работи на проектирање и на нов автопат од Гостивар до Кичево, што ќе се гради во неколку фази.

Реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Владата не кажа ништо ново, сите презентирани проекти се започнати од претходната, а некои се градат уште од 2016- та. Според партијата, автопатот од Демир Капија до Смоквица е завршен во времето на ВМРО-ДПМНЕ, а владата на СДСМ одолговлекуваше со неговото пуштање, додека Штип- Миладиновци беше неправедно стопиран со градба над 10 месеци, соопшти партијата.

Свето Николовски