Рочишта за „Трезор“, „Тарифа“ и „Труст“ во Кривичен суд
Во „Трезор“ првообвинет е поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот шеф на неговиот кабинет Тони Јакимовски, поранешниот помошник-министер во МВР Небојша Стајковиќ и поранешениот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски, кој веќе со месеци се наоѓа во екстрадициски притвор во Грција.

Рочишта за предметите на Специјалното јавно обвинителство- „Трезор“, „Тарифа“ и „Труст“, се закажани за денеска во Кривичниот суд.
Во „Трезор“ првообвинет е поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот шеф на неговиот кабинет Тони Јакимовски, поранешниот помошник-министер во МВР Небојша Стајковиќ и поранешениот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски, кој веќе со месеци се наоѓа во екстрадициски притвор во Грција.
Се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања и предизвикување штета на Буџетот во висина од 862.045 евра за набавката на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК и обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија.
Во случајот „Тарифа“, пак, СЈО сомничи три лица поради постоење основано сомнение дека е извршена злоупотреба на службената положба во постапка по јавна набавка на софтвер – ЕРП Систем за потребите на АД ЕЛЕМ.
Во предметот „Труст“ првоосомничен е бизнисменот Сеад Кочан и уште две физички и три правни лица, меѓу кои и управителите на фирмите „Трансмет“, „Силекс“ и „Вато“ ДООЕЛ, за учество на тендер на Електрани на Македонија. Според обвинението, осомничените со фалсификувани документи местеле тендери во ЕЛЕМ во вредност од 17 милиони евра.
