Изолиран случај на шуга

МОН: Во училиштето „Владо Тасевски“ нема зараза

29.03.2018 11:25

МОН посочува дека по добивањето на пријавата, директорката на училиштето веднаш презела итни превентивни мерки, и Центарот за јавно здравје направил систематски преглед кај другите ученици...

Министерството за образование демантира дека во основното училиште „Владо Тасевски“ во Карпош има зараза, откако едно дете доби шуга. Од МОН велат дека се работи за изолиран случај за кој родителот пријавил минатиот четврток.

„Ја уверуваме јавноста дека во училиштето нема појава на заразна болест, а родителите можат да бидат спокојни и сигурни дека нивните деца се безбедни. Станува збор за случај пријавен минатиот четврток од страна на родителот на детето, за изолиран случај што се јавува во одредено семејство, кој е совесно пријавен од страна на родителот“, соопшти МОН.

МОН посочува дека по добивањето на пријавата, директорката на училиштето веднаш презела итни превентивни мерки, и Центарот за јавно здравје направил систематски преглед кај другите ученици, по што било утврдено дека нема присуство и други случаи на заразна болест во училиштето.